Шефот на ОН за хуманитарни прашања: Три месеци по ужасните напади, Газа стана ненаселива

Продолжуваме да бараме итен прекин на војната, не само за луѓето во Газа и соседите кои исто така се загрозени, туку и за следните генерации кои никогаш нема да ги заборават овие 90 дена од пеколот и нападите врз основните правила на човештвото, порача Мартин Грифитс, заменикот генерален секретар за хуманитарни прашања на Обединетите нации.

„Три месеци од ужасните напади на 7 октомври, Газа стана место на смрт и очај. Десетици илјади луѓе, во најголем број жени и деца оттогаш се убиени или повредени. Семејства спијат на отворено додека температурите паѓаат. Подрачјата каде на цивилите им беше кажано да се преселат заради нивна безбедност се бомбардирани. Медицинските установи се под немилосрдни напади. Неколкуте болници што се делумно функционални се преполни со случаи на траума, недостигаат резерви и се преплавени со луѓе кои бараат безбедност“, рече Грифитс.

Тој алармираше дека хуманитарната заедница остана со невозможна мисија да поддржи повеќе од 2 милиони луѓе дури и кога нејзиниот персонал е убиен и раселен, и, како што рече, продолжуваат прекините во комуникацијата бидејќи патиштата се оштетени, се пука во конвоите, додека комерцијалните резерви кои се од витално значење речиси и да ги нема.

„Се случува катастрофа во јавното здравје. Заразните болести се шират во преполните засолништа бидејќи канализацијата се прелива. Околу 180 Палестинки се породуваат дневно во овој хаос. Луѓето се соочуваат со највисокото ниво на несигурност во храна што е некогаш забележано. Газа стана непогодно место за живеење. Луѓето секојдневно се соочуваат со секојдневни закани по живот додека светот сведочи на тоа“, рече Грифитс.

Тој повика на итен прекин на огнот и исполнување на обврските според меѓународното право, за да се заштитат цивилите и нивните суштински потреби и повика веднаш да се ослободат заложниците.

„Време е меѓународната заедница да го искористи сето свое влијание за да се случи ова. Оваа војна никогаш не требаше да почне. Но, веќе одамна требаше да заврши“, рече Грифитс.