Кинематограферот Шеjмус Мекгарви ја доби наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност во рамки на 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Ирскиот кинематоградер е два пати номиниран за Оскар за најдобра фотографија за филмовите „Покајание“ и „Ана Каренина“. За епизодата „Скок на глава“ од серијата „Црно огледало“ доби ЕМИ награда како и БАФТА номинација за најдобра кинематографија, односно фотографија. Покрај тоа, два пати ја добил наградата на Британското друштво на кинематографери (BSC) за филмовите „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ (режија Том Форд). Во 2004 година Мекгарви е награден со Лимиер медал за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува британското Кралско фотографско друштво.
На денешната прес-конференција на „Браќа Манаки“ покрај добитникот на „Златна камера“ беше објавена и програмата за фестивалот кој годинава ќе се одржува од 23 до 29 септември.
Годинава фестивалот ќе го отвори новиот филм на Горан Столевски, „Домаќинство за почетници“, а ќе го затвори филмот „Лена и Владимир“ на Игор Алексов. Покрај тоа во рамки на годинешното издание ќе се прикажат и „Паднатите лисја“ на Аки Каурисмаки во тандем со неговиот редовен кинематограферски соработник Тимо Салминен, кој ќе биде гостин на фестивалот, „Совршени денови“ на Вим Вендерс во соработка со директорот на фотографијата Франц Лустиг, кој исто така ќе биде присутен во Битола.
Публиката ќе има можност да ги погледне и „За сувите треви“ нa Нури Билге Чејлан, во соработка со кинематограферите, Џеваир Сахин и Курсат Уресин кои ќе бидат присутни на фестивалот, Хичкоковскиот трилер „Анатомија на едно раѓање“, кој ја доби Златната палма на последниот Кански фестивал, на режисерката Жустин Трие и кинематограферот Симон Буфил, како и „Астероид сити“ на Вес Андерсон со кинематограферот Роберт Д. Јеоман.
Селекторите на програмите за кратка, документарна и студентска програма, Марија Апчевска, Кумјана Николова и Ѓорѓи Пулевски, ги објавија селекциите во своите програми каде влегува и насловот „Човек во црно“ на Ванг Бинг, чија кинематограферка, Каролин Шампетие исто така ќе биде гостинка на Фестивалот.