Делегацијата на Европската Унија и Британскиот совет го организираат натпреварот за најдобро едноминутно видео за Шекспир „Шекспир@1минутно видео”. Настанот е дел од одбележувањето на 450-иот роденден на Шекспир, а отворен е за сите што сакаат да се соочат со предизвикот да создадат едноминутно видео со своја интерпретација на големиот автор.
Како што се наведува во критериумите за учество, видеото може да биде инспирирано од самиот Шекспир, од негов акт, сцена, цела драма или тема што претставува мешавина од повеќе драми. Кандидатите може да создадат класична или модерна видеоинтерпретација на шекспировото дело, живот или оставштина. На натпреварот може да се пријават сите граѓани, а возраста на кандидатите не е ограничена. Нема ограничувања и во поглед на квалитетот на користената опрема и самото видео, но тоа треба да биде во .MOV или AVI, HD или SD формат и како еден фајл што не е поголем од 40 MB.
Сите пријавени видеа мора да се достават со поднесување на пријавата преку интернет, на веб сајтот на ЕУ инфо центарот и со закачување на видеото. Кандидатите мора да се единствениот автор(и) на творбата, која не смее да содржи авторски материјал (на пр. музика) од трето лице. Со поднесувањето на својата творба на овој конкурс, кандидатот гарантира дека таа е негова оригинална творба и дека има право да ја стави на располагање на Делегацијата на Европската Унија и на Британскиот совет, Творбата не смее да има клеветничка содржина, да прекршува некој закон, а треба да се добие и дозвола за снимање и објава од сите учесници во видеото.
Ако авторот е помлад од 18 години, потребна е дозвола од родителите или старателите, како за него така и за секое лице под 18 години што се појавува во видеата.
Комисијата ќе избере 3 најдобри видеа и ќе додели прва, втора и трета награда. Првата награда е еден таблет компјутер и комплетните дела на Шекспир во превод на Драги Михајловски, втора награда се комплетните дела на Шекспир во превод на Драги Михајловски, а трета награда е пакет промотивни материјали на ЕУ. Комисијата ќе се состои од претставници на Делегацијата на Европската Унија, професор од Филолошкиот факултет – Скопје и професионален филмски или театарски актер.
Најдобрите три видеа ќе се постават на веб сајтовите и на Фејсбук страниците на ЕУ инфо центарот и на Британскиот совет, како и на веб сајтот на Делегацијата на ЕУ, и ќе бидат споделени на интернет. Победничките видеа пак ќе бидат објавени на свечена церемонија што ќе се одржи во ЕУ инфо центарот на 5 јуни 2014 г.
Краен рок за пријавување е 21 мај 2014 година. Заинтересираните кандидати треба да пополнат пријава и да го закачат видеото на следниот линк. Повеќе информации за настанот може да се добијат на веб сајтот на ЕУ Инфоцентарот.