На осмото издание на фестивалот КРАФ во Крагуевац, Србија, краткиот игран филм „Шекспирова 9/1“ во режија на Владимир Митревски, студент на Факултетот за драмски уметности од Скопје, освои две награди: прва награда од жирито на фестивалот за најдобар студентски филм и признание од публиката за најдобар филм.
„Актуелната животна приказна од македонското секојдневие која може да се преслика на сите простори на бившата СФРЈ, драматуршки и режисерски е стилизирана на бравурозен начин“ се зборовите на жирито за ова остварување на Владимир Митревски.
КРАФ (Крагуевски фестивал на антивоен и ангажиран филм) е единствениот автохтон филмски фестивал во Крагуевац, кој оваа година тематски беше посветен на студентскиот филм. Селекцијата на осмото издание на КРАФ ја отсликува актуелната продукција на филмските школи на просторите на бивша Југославија и авторскиот ракопис на студентите во продукциски услови во кои овие филмови се настанати. „Академскиот КРАФ“ за прв пат беше со натпреварувачки карактер и учество земаа 22 студенти од државните филмски академии од целиот регион. Посетителите имаа прилика да погледнат 30 сјајни филмски остварувања и тоа авторски дела од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, како и ревијални филмови од Хрватска.
Втората награда од жирито ја делат филмовите „Странци“ во режија на Вид Хајншек, а продукција на Академијата за театар, радио, филм и телевизија од Љубљана, и „Татко“ во режија на Недим Каралиќ, а продукција на Филмската академија од Сараево. Третата награда ја доби филмот „Бабичката сака дома“ на младата режисерка Бојана Старчевиќ, а во продукција на Академијата за уметност од Нови Сад.
Жирито на фестивалот беше во состав: Милан Никодијевиќ, професор по продукција на академијата во Нови Сад, основач на еден од најстарите филмски фестивали во Србија (Фестивал за филмско сценарио во Врњачка бања) и познат документарист; Дејан Дабиќ, уредник на филмската програма во Културниот Центар во Ниш и филмски критичар и Хаџи Зоран Ѓорѓевиќ, филмски критичар од Крагуевац.
„Шекспирова 9/1“ е испит од трета година на Владимир Митревски, студент на Филмска и ТВ режија во класата на проф. Столе Попов на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Филмот е во продуција на Факултетот за драмски уметности и Круг Филм, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.