Мултинационалната компанија за нафта и гас „Ројал Дач Шел“ доби наредба да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 45% во историска правна постапка.
Советот на судии во понизок суд во Хаг пресуди дека политиките на компанијата во врска со ова прашање се премногу нејасни. Во нивната одлука се наведува дека намалувањето на штетните емисии мора да се случи до 2030 година.
Сепак, за холандско-британската компанија, пресудата е законски обврзувачка само во Холандија.
Тужбата е поднесена од еколошката организација „Пријатели на Земјата-Холандија“, заедно со други големи добротворни организации и илјадници сопарничари.
Случајот е единствен по тоа што не се бара компензација од компанијата. Наместо тоа, од „Шел“ за прв пат во историјата се бара да направи промена на политиката.
„Ова е одлична вест за сите нас, за нас самите и за нашите деца“, изјави портпаролот на организацијата за „Еуроњуз Грин“.
„Шел ќе ја прилагоди својата политика така што ќе испушта помалку CO2 и во реално време. Не е на судијата да каже како Шел треба да го стори ова, но компанијата нема да може да продолжи да испумпува толку многу нафта и гас како што прават сега“, додаваат од организацијата.
Оттаму нагласуваат дека ако „Шел“ одлучи да се жали, пресудата ќе доведе до повеќе случаи ширум светот и политичарите и компаниите за нафта и гас ќе почувствуваат притисок да го сменат својот курс.
„Оваа одлука ќе го промени светот“, рече Роџер Кокс, адвокат на „Пријатели на Земјата-Холандија“.
„Луѓето ширум светот се подготвени да ги тужат нафтените компании во нивната земја, следејќи го нашиот пример. И не само тоа. Нафтените компании ќе станат многу понеподготвени да инвестираат во фосилни горива, загадувачки горива. Климата победи денес“, додаде тој.