За повеќето луѓе, подготовката да се освои највисокиот врв во светот претставува застрашувачки предизвик полн со многу непознаници. Но, не и за 48 годишниот планинар од Непал, Ками Рита Шерпа.
Тој денеска ќе се обиде да го собори светскиот рекорд во број на успешни освојувања на врвот Монт Еверест. Досегашниот рекорд од 21 успешни обиди го држи самиот Ками Рита и уште двајца планинари од Непал. Неговите сонародници се веќе пензионирани, што би значело дека со успешно освојување на врвот Ками Рита ќе се постави како најискусниот светски освојувач на Монт Еверест.
„Правам уште еден обид да направам историја и да ја направам целата заедница Шерпаси и мојата земја горди“, рекол Ками Рита за новинската агенција Ефе, пренесува ББЦ.
Планинарот работи како водич за американска компанија која ги организира искачувањата на Хималаите. Прв пат се искачил на Еверест во 1994 година, а последното искачување му било минатиот мај.
Странските алпинисти вообичаено бараат помош од искусните локални Шерпаси, кои се платени да го подготват патот, да ги наместат јажињата и да го носат потребниот алат за искачување.
Ками Рита ќе предводи тим од 29 алпинисти од целиот свет во неговиот обид да го собори светскиот рекорд.
Групата треба да го постави основниот камп денеска и да почне со искачувањето за две недели. Кога би требало да стигнат на врвот, зависи пред сè од временските услови.
„Доколку се биде според планот, освојување на врвот треба да го направам на 29-ти мај“, изјавил Ками Рита за Катманду Пост, додавајќи дека доколку обидот биде успешен, тој ќе продолжи и понатаму да го искачува Монт Еверест, со надеж дека може да стигне до 25 освојувања на врвот.