Шеснаесетти Марш на црвените чадори на 15 декември

Во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, на 15 декември во Скопје ќе се одржи 16-тиот Марш на црвените чадори.

Како што посочуваат организаторите, овој значаен ден го посветуваат на конечната правда за сексуалните работници по пресудата на Европскиот суд за човекови права Д.Х. и други против Северна Македонија.

„Со слоганот ‘5353 денови до правда’, одбележуваме 15 години од сензационалистичката полициска акција ‘Сузбивање на улична проституција’ од страна на Министерството за внатрешни работи, во која беа приведени 23 сексуални работници и на кои им беше повредено правото на приватност со јавно споделување на нивни фотографии на веб-страницата на МВР. Сексуалните работници беа изложени на нехумано и деградирачко постапување од страна на полицијата, за време на целиот притвор, оставени без храна вода и пристап до лекови. Вкупно 13 сексуални работници, со поддршка од ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, се охрабрија да поднесат тужба пред граѓанскиот суд во Скопје, кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд конечно ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права. Конечно, во јули оваа година, 4 сексуални работнички добија заслужена победа пред Европскиот суд за човекови права. Сексуалните работници, чекаа правда, и извојуваа победа што е од значителна важност за сите сексуални работници во државата, и во цела Европа“, се посочува во најавата за маршот.

Со слоганот, тие додаваат дека сакаат да испратат порака до јавноста и институциите дека како една од најмаргинализираните заедници во државата заслужуваат почит и заштита како и сите останати граѓани и бараат еднаков хуман третман базиран на принципот на почитување на човековите права, загарантирани со законите и Уставот.

Маршот ќе започне на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје во 12 часот.