Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави четвртото издание на Фестивалот на европската литература „Букстар“, во чии рамки утре и задутре (19 и 20 ноември 2018 година) во МКЦ ќе се одржат две книжевни вечери. Под слоганот „Taboo or not taboo?“, оваа година Фестивалот ги поставува прашањата што непријатно и тивко се одговараат и разработува општествени и социјални теми по старошколскиот принцип: книжевноста како лек против егзистенцијалните тегоби и социолошките норми.
Ексклузивно пред македонската публика ќе бидат претставени делата на шест значајни и наградувани европски автори: Aнтон Баев (Бугарија), еден од најзначајните современи бугарски автори; Михал Ајваз (Чешка), кралот на магичниот реализам; Енес Халиловиќ (Србија), повеќекратно наградуван и преведуван српски автор; Џамал Уаријачи (Холандија), контроверзниот Холанѓанец што пишува за општествените проблеми; Рику Корхонен (Финска), социјално ангажиран писател и колумнист и Офејгур Сигурдсон (Исланд), лидер на движењето за реконструкција на поезијата во проза.
Утре во Кино Фросина со почеток во 19:30 часот прв ќе биде претставен гостинот од Бугарија, Антон Баев, со две книги: романот „Светата крв“ и збирката поезија„Даровите на светот“. Разговор со него и претставување на неговите книги ќе направи Елизабета Шелева.
Антон Баев (роден 1963) е бугарски писател. Студирал бугарска филологија во Пловдив, a специјализирал новинарство во Ајова, САД. Работел како библиотекар, колумнист, репортер, главен уредник и издавач. Има објавено голем број книги од различни жанрови. Учествувал на меѓународни фестивали и манифестации, меѓу кои и на книжевната резиденција „Апсолутно модерен“ во Скопје. Неговиот роман „Светата крв“ е роман за љубовта и страстите во сите свои димензии, за злосторството, одмаздата, проштавањето, а како ликови се јавуваат учители и ученици во еден историски бурен период од 1920 до 1950 година. Клучното место на случувањата е забутаното гратче Ја. Колку историска толку и универзална, книгата проникнува во самата суштина на човечкото, во неговата природа.
По него ќе бидат промовирани два романи од Михал Ајваз, најзначајниот чешки претставник на магичниот реализам, кој создава светови од светови, светови од зборови, светови од објекти. Неговите дела може да се опишат како литературни фантазии исполнети со симболизам. Ајваз студирал бохемистика и естетика, а моментално е истражувач по философија на еден институт во Прага. Преведуван е на петнаесетина јазици. Неговите две книги „Празни улици“ и „Луксембуршката градина“ ќе ги промовира Соња Стојменска-Елзесер.
Последен гостин на оваа фестивалска вечер е Енес Халиловиќ, српски раскажувач, поет, драмски автор, новинар, економист и правник, кој овој месец е гостин на книжевна резиденција во Скопје. Пишува раскази, поезија, драма, а неколку негови книги веќе се преведени и објавени на македонски јазик. Претставување на неговото творештво и разговор со него ќе направи Владимир Јанковски.
Следната фестивалска вечер, 20 ноември, е вечер на добитници на Наградата за литература на ЕУ, па пред македонската публика ќе бидат претставени дури тројца автори што се закитиле со оваа престижна книжевна награда. Промоциите од оваа вечер ќе се одржат во Галеријата при МКЦ, со почеток во 19:30 часот.
Вечерта ќе започне со претставување на книгата „Глад“ и разговор со авторот Џамал Уаријачи од страна на промоторот Душко Крстевски. Џамал Уаријачи (1978) е холандски писател, роден во Амстердам, во холандско-мароканска семејна заедница. Студирал психологија, а неговиот главен литерарен пристап во романите е контроверзијата преку која зборува за современите општествени проблеми. Објавува романи, статии и колумни за голем број водечки медиуми, а автор е и на една третина од холандската книжевна трилогија напишана како одговор на „Педесет нијанси сиво“.
„Глад“ е роман чија приказна навлегува во една општествена критика, паралелно водена од суптилна љубовна линија. Покрај мрачното сиже, ги гледаме и социјалните проблеми на нашето време. Авторот го базира романот на случајот со еден познат филантроп што е осуден за педофилија. Притоа, тој не е прикажан како класично импулсивен педофил, туку прво како човек, а потоа како злосторник. Авторот раскажува приказна за тоа до каде може да се движат екстремите на омразата и гадостите кај човекот. Книгата се движи по тенката линија на шокантната веродостојност и фикцијата. Романот ја добива Наградата за литература на ЕУ во 2017 година.
По овој настан следува претставување на книгата „Медицински роман“ и разговор со авторот Рику Корхонен од страна на промоторот Владимир Јанковски. Рику Корхонен своето книжевно деби го прави во 2003 година и набрзо се етаблира како еден од централните фински писатели. Пишува за сериозни и важни теми, во хумористичен стил што ги носи неговите наративни вештини во преден план. Пред да стане писател и колумнист со полно работно време, работи како учител во средно училиште и предавач за креативно пишување на Универзитетот во Турку.
Вечерта ќе биде затворена со претставување на романот „Сага за Јон“ од Офејгур Сигурдсон, добитник на Награда за литература на ЕУ во 2011 година. Промотор на оваа книга ќе биде Ристо Солунчев. Поет и прозаист, Офејгур Сигурдсон е роден во Рекјавик на 2 ноември 1975 година. Има објавено шест поетски збирки и два романи. Сменил многу професии: работел како униформирано вечерно обезбедување во хотел, пакувал шунка и сланина во фабрика, ги „пумпал“ своите мускули како работник на пристаниште и го вежбал својот мозок како студент по философија на Универзитетот во Исланд. Најпознат е по тоа што е лидер на движењето што се обидува да ја реконструира исландската поезија, а во слободно време е еден од најдобрите автори од својата генерација.
Финалето на фестивалот, односно последниот фестивалски ден, 21 ноември, е резервиран за меѓународниот панел на тема „Креативна Европа – Проекти за книжевни преводи и Европската награда за литература“, кој ќе се одржи во Домот на занаетчиите во Куманово со почеток во 12 часот. На панелот, покрај гостите Џамал Уаријачи и Офејгур Сигурдсон како добитници на Наградата, ќе учествуваат и ќе дискутираат уште и: Билјана Прентоска (Македонија) и Димитрије Тадиќ (Србија). Настанот е организиран во соработка со Канцеларијата за креативна Европа, потпрограма Култура на Република Македонија при Министерство за култура на РМ.
Истиот ден во 13 часот авторот Михал Ајваз ќе гостува на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Како и минатите години, сите гости на Фестивалот ќе им бидат достапни на читателите за дружење и опуштен муабет во книжарницата на „Антолог“ на ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31 на т.н. „Книжевно кафе“, и тоа Антон Баев, Михал Ајваз и Енес Халиловиќ на 19 ноември во 11 часот, а Џамал Уаријачи, Офејгур Сигурдсон и Рику Корхонен следниот ден во истото време.
Годинашното издание на Фестивалот е организирано во соработка со издавачката куќа „Готен“. Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен и вратите се отворени за сите љубители на квалитетната европска литература.