Шестиот роденден на феминистичката платформа „Медуза“ ќе биде колективно одбележан утре (четврток, 19 декември) со промоција на годишната публикација „Без здив“. Промоцијата ќе се случи во кафе и филм „Котур“ во 20 часот. Разговорот со уредничките Душица Лазова и Калиа Димитрова ќе го води нашата пријателка, соборка и соработничка Кристина Леловац.
Во книгата со свои авторски дела се застапени: Анастасија Марковска, Бојана Јованска, Борјан Гаговски, Дамјана Видическа, Грација Атанасова, Дарко Алексовски, Марија Бошковска, Ивана Батев, Стефан Алиевиќ, Нина Критички, Лири Кучи, Филипа Сара Попова и Татјана Срцева Павловска.
„Насловот ‘Без здив’ бара да се соочиме со социо-политичката и културна смрт што ни го гуши духот, особено духот на младите, со отровниот воздух, еколошките катастрофи, неконтролираното градење и неодржливите инфраструктури, препознавајќи ги како феминистички прашања. Здивот ни застанува и со секоја нова победа на екстремната десница, што носи пораст на мизогинија, расизам, ксенофобија и хомофобија, со секоја фотографија од рушевини и скршени тела од непрекинатиот геноцид во Газа, што ги зафати и Либан и Сирија. Здивот е во тесна поврзаност со телесните и афективните состојби врз кои влијае опкружувањето, како загубата и тагата и правото на нивно обжалување, но и точките на вриење и (колективно) лудило. Затоа, без здив остануваме и од воодушевеност додека сведочиме за надежта и упорноста на глобалното вмрежување и солидарноста предводени од маргинализирани групи, активист(к)и и студент(к)и низ светот што храбро истапуваат против неправдите. Шокот нѐ буди, нѐ тера да застанеме и да (за)бележиме“, се вели во најавата.
Дизајнот на книгата е на Кристина Атанасова. „Медуза“ му заблагодарува на Жарко Чулиќ за фотографиите од изложбата „Гравитација во пауза” и на Дамјана Видическа, за помошта во почетните фази од конципирањето на книгата.
„По разговорот, останете со нас до полноќ, традиционално да ги придвижиме телата, оваа година во ритамот на Emily“, велат од Платформата.