За виновни се прогласени поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на партијата и на тогашната Влада Кирил Божиновски, за незаконската изградба на Белата палата – седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Основниот кривичен суд Скопје го осуди Груевски на затворска казна од шест години, додека Божиновски доби условна казна од 2 години затвор која нема да се изврши ако не стори ново кривично дело во наредните пет години, објави Мета.
На Груевски била идејата партијата да влезе во соинвеститорство со градежната фирма „Бетон“ од Скопје, и од него да издејствува гратис изведба на седиштето на партијата, но и дополнителни 2,5 милиони евра за да купи уште 30 штабови низ Македонија.
Кирил Божиновски се јавил како потписник на договорите околу градбата, во име на партијата. Како што објави судот, олеснителна околност за Божиновски е што одбраната тој ја дал присутен во Основниот кривичен суд Скопје, каде бил редовен на судењата.
Основниот кривичен суд од Скопје денеска изрече и мерка за конфискација на дел од имотот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно обвинителот Љубомир Лапе, застапник на ова обвинение поднесено од обвинителката Ленче Ристоска, го имаше побарано тоа пред судот. Судот одлучи во прв степен да се конфискува седиштето на партијата.
Покрај луксузната зграда на партијата во центарот на Скопје, судот конфискуваше и 30-тина партиски штабови на ВМРО-ДПМНЕ низ целата земја, кои биле купени со финансиите што му ги извлекле на фирмата „Бетон“.
Пресудите се првостепени, додека осудените имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје. Во текот на постапката, беа сослушани 17 сведоци на Обвинителството и 23 на обвинетите.