Шест групи македонски средношколци добија поддршка за работа на дигитални решенија за заштита на водата, воздухот и почвата

Во рамките на програмата „Апшифт“ (UPSHIFT) шест групи ученици од средните училишта добија по 120.000 денари за да ги остварат своите дигитални решенија за подобрување и заштита на водата, воздухот, почвата и енергетските ресурси во заедницата и справување со последиците од климатските промени.

Младите иноватори беа избрани на тридневна работилница  во рамките на програмата „Апшифт“, на која 10 средношколски тимови под водство на менторите и професорите, имаа можност да ги развијат идеите и да се стекнат со нови практични вештини.

„Горди сме што гледаме како со секој циклус на UPSHIFT децата и младите стекнуваат вештини за претприемништво, учат како да планираат и финансираат проект и да ја обезбедат неговата одржливост и пред сè, учат да бидат храбри и отворени за иновации и креативно размислување. Им честитам на овие млади луѓе на нивните одлични идеи и се надевам дека ќе побудат инспирација кај другите и ќе катализираат позитивни промени во однос на заштитата на  животната средина и справување со климатските промени“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Шесте најдобри тимови, кои добија почетен капитал за да ги спроведат идеите се:

  • Тимот De Air од Јахја Кемал и СУГС „Георги Димитров” со рециклираниот одвлажнувач, кој преку пренамена на стари компјутерски процесор го филтрира воздухот оттргнувајќи ја присутната влага. Термоелектричниот уред го трансформира ладниот влажен во топол, сув и квалитетен воздух. Почетната примена на одвлажнувачот е негова имплементација во училиштата, со што им се овозможува на учениците поздрав живот и безбедно секојдневие.
  • Тимот Viridi Particula од СОУ „Љупчо Сантов“-Кочани се бори со загадувањето на воздухот со помош на дигитален фотосинтетски билборд. Искористувајќи ја биолошката фотосинтетска способност на алгите, како и моќта на сончевата енергија како обновлив извор на енергија, иновацијата придонесува кон прочистување на околниот воздух и самоодржлива, еколошка работа на билбордот. Со приходот од поставуваните реклами, решението позитивно влијае, како од еколошки така и од економски аспект.
  • Тимот MIASMA од Јахја Кемал креира дигитална мапа на паркинг места во охидскиот центар креирана со цел да ја намали загаденоста на воздухот предизвикана од штетните гасови од прекумерната употреба на автомобили. Мапирањето на (не)слободни паркинг места на мобилната апликација го олеснува сообраќајот, секојдневието на жителите и го спречува штетното влијание на животната средина. Според тимот, со ова решение се елиминираат дури 340 000 часа за работа на автомобилите на жителите во Охрид на годишно ниво.
  • Тимот Rebooters од СОУ „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка ја намалува потрошувачката на нафта во нивното училиште за 30% со помош на инфрацрвени дигитални панели. Вградените сензори за температура и притисок од панелите поставени на училишни столчиња ја оптимизираат употребата на енергија за затоплување на просторијата, што пак позитивно се одразува на буџетот на училиштето.
  • Тимот Climate crusaders од СОУ „Цар Самоил“ од Ресен осмислија виртуелна бавча како перспективно решение во однос на преголемата употреба на пестициди, нафта и останати ресурси при практичната настава како составен дел од земјоделскиот смер во училиштето. Симулација на бавча, виртуелен асистент, агрокалкулатор и едукативни содржини, прикачени на веб-страница придонесуваат кон намалување на загадувањето на водата, воздухот и почвата.
  • Од СУГС Гимназија „Панче Арсовски“ – Скопје тимот Cinco estrellas понуди решение за проблемот со големото количество на отпад насекаде низ градот, со поставување машини за собирање на отпад кои функционираат со помош на соларни панели. За секое парче отпад вметнато во овие машини, поединецот добива паричен надоместок на својата сметка на мобилна апликација. Во договор со компании за селекција и рециклажа на отпад, тој се спроведува до истите фирми, каде што се рециклира, со што се оневозможуваат материјали како пластика и алуминиум да го загадуваат градот.

Следните три месеци тимовите ќе бидат поддржани од менторите за да ги спроведат идеите.

Фото: УНИЦЕФ

„Апшифт“ е иницијатива поддржана од УНИЦЕФ во која работилниците за социјална иновација се комбинираат со менторство, материјали и почетен капитал. Целта ѝ е да потпомогне иновативно и креативно размислување кај младите луѓе, да ги согледа предизвиците со кои се соочуваат и да им помогне да осмислат креативни решенија во вид на производ или услуга. Се надоврзува на методологијата „дизајн според потребите на човекот“, која може да се пренесе и со која и наставниците и учениците развиваат претприемачки вештини, како што се: раководење со проекти, критичко мислење, тимска работа и успешна комуникација.

Програмата ја финансира Шведска, ја спроведуваат УНИЦЕФ и здружението LEAD во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој, а е поддржана од Министерството за животната средина, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Министерство за труд и социјална политика.

Фотографии: УНИЦЕФ