Војната во Газа беснее веќе шест месеци, а трпението на сојузниците на Израел е при крај. Како што бројот на загинати продолжува да расте, станува сè појасно дека Израел нема остварлив план како да ја заврши војната и што е следно, пишува „Си-Ен-Ен“.
Решителноста да продолжи да го следи Хамас во Газа и покрај ужасните хуманитарни последици го става Израел во изолирана позиција на глобално ниво, а неговата влада се соочува со притисок од сите страни.
Повеќе меѓународни организации го предупредија Израел дека можеби врши геноцид, а дури и најблиските соработници денес отворено го критикуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху. Во САД и Обединетото кралство постојано растат повиците за запирање на испораката на оружје за Израел.
Истовремено, Нетанјаху и неговата влада се под зголемен притисок дома, со демонстранти на улиците кои протестираат за негова оставка.
Израел ја започна војната веднаш по смртоносните терористички напади од Хамас на 7 октомври. Израелската влада тогаш изјави дека воената операција има две цели: да ја елиминира милитантната група Хамас и да ги врати дома заложниците кои беа киднапирани по нападот.
Шест месеци во војна, ниту една од двете цели не е остварена.
Додека Израелските одбранбени сили велат дека убиле илјадници од војниците на Хамас, продолжуваат да ги избегнуваат повеќето од членовите на највисокото раководство на Хамас вклучително и Јахја Синвар, а политичките лидери на Хамас се недостапни, се наоѓаат во странство. Повеќе од стотици израелски заложници беа ослободени, во замена за Палестинци кои се наоѓаат во Израелските затвори. Тоа беше дел од договорот за мир со Хамас кој беше склучен кон крајот на ноември. Но, околу 130 заложници, вклучувајќи 99 за кои се верува дека сè уште се живи, остануваат во Газа.
Во меѓувреме, билансот на војната врз Палестинците е ужасен, повеќе од 33.000 луѓе, вклучувајќи и илјадници деца се убиени од 7 октомври наваму, според Министерството за здравство управувано од Хамас. На врвот од тоа, околу 75.000 луѓе се повредени и повеќе од милион се на работ на глас, соочени со, како што велат меѓународните организации, „неизбежен глад“.
„Мислам дека војната веќе ги надмина очекувањата на сите во однос на времетраењето, интензитетот, обемот и крајноста и нема крај на повидок“, вели за „Си-Ен-Ен“ Калед Елгинди, виш соработник и директор на Програмата за Палестина и Израел и Израелско-Палестински прашања во Институтот за Блискиот Исток.
Сепак Нетанјаху одбива да ја промени тактиката. Иако вети дека ќе дозволи поголема помош во Газа, по ултиматумот кој неделава му го постави американскиот претседател Џо Бајден, тој ги одби повиците за хуманитарен прекин на огнот и за преиспитување на неговиот план да нападне во Рафах, јужниот град на Газа каде во моментов се засолнуваат повеќе од еден милион луѓе.
„Не постои остварлив план за иднината на Газа, не само за следниот ден, туку и за денес. Никој не знае кога и како оваа војна ќе заврши“, изјави Елгинди.