Шест од десет млади би ја напуштиле земјава ако им се укаже шанса, покажува нова студија за социо-политичко учество на младите

Само еден од тројца млади луѓе или 32 отсто е задоволен со своето место во општеството. Шест од десет млади луѓе (62%) би ја напуштиле земјата ако им се укаже шанса. Три четвртини од младите (73,7 %) не биле вклучени или консултирани од локалните или националните власти при носењето одлуки.

Ова се дел од податоците кои Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) ги презентираше на тркалезната маса „Учество и доверба – трендови кај младите”. На настанот се презентираше најновата студија за Социо-политичко учество на младите и се дискутираа чекорите за унапредување на учеството на младата генерација. Студијата претставува податоци за перцепциите за општествената ангажираност, доверба во институциите, миграции и други теми.

„Податоците покажуваат дека младите не сметаат дека политиката е работа само на политичарите. Младите кои се активни и кои преземале акција, изразуваат поголемо задоволство од своето место во општеството. Осум од 10 млади се опишуваат себеси како главно или воопшто неактивни граѓани“, велат од ВФД.

Податоците откриваат дека младите често гласаат, 9 од 10 млади секогаш или понекогаш гласаат на избори. Младите кои веруваат дека земјата ќе стане членка на Европската Унија очекуваат дека тоа ќе се случи до 2032. За првпат откако се спроведува истражувањето, поголем дел од младите или 43% се изјасниле дека не веруваат дека земјата ќе стане дел од ЕУ.

„За да имаме демократско општество треба да инвестираме во демократските капацитети. За тоа е потребно демократско образование, можности младите да носат одлуки, институции кои ги консултираат и поддршка за младинскиот активизам“, изјави
Дона Костуранова, директорка во земјата за Фондацијата за демократија на Вестминстер.

На тркалезната маса беа присутни и претставници на Владата и Собранието. Државниот секретар при Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу истакна дека институциите треба да им подадат рака на младите.

„Задача на младите пратеници е да учествуваат во менување на политичката култура. Ние како пратеници не носиме само закони туку и треба да ги консултираме граѓаните“, изјави Драгана Бојковска, партеничка во Собранието.

Филип Ивковски, претседател на Националниот младински совет на Македонија посочи дека покрај учеството треба да се работи и на теми како социјалниот живот, култура, здравствена грижа и други прашања.

Фото: Фондација за демократија на Вестминстер