Шестото издание на јавниот дебатен настан Аргумент: Организирано изразување во организација на Младински образовен форум (МОФ) ќе се одржи на 19-ти февруари (четврток), со почеток во 19 часот, во Младински културен центар, кино Фросина.
Аргумент: Организирано изразување е целовечерен дебатен настан, чија цел е да ја подобри културата на дијалог и структурата на говорење во јавниот дискурс и да ја промовира аргументацијата како неопходен услов за продуктивна дискусија. И оваа година ветуваме квалитетна дебата на актуелно општествена-политичка тема, прецизно структурирана и организирана на начин на кој ќе овозможи фер дискусија на говорниците на дебатата и на присутната публика.
Тезата на шестото издание на Аргумент гласи: Овој дом би си заминал од Македонија засекогаш.
Во афирмативниот тим [тим кој ја поддржува тезата] се Петар Гошев, Неда Коруновска и Висар Вишка, додека негацискиот тим [тим кој ја негира тезата] го сочинуваат Мендерес Кучи, Мирјана Најчевска и Да Џака Накот.
„Миграцијата претставува се посериозен општествен предизвик, особено за земјите кои се соочуваат со масивно намалување или стареење на нивната популација. На дебатата ќе дискутираме: Kои се најзначајните фактори кои придонесуваат еден граѓанин да се исели од државата; Дали Македонија се движи во позитивен правец; Дали граѓанинот има обврска спрема својата држава да остане и да ја подобри состојбата; Колку имиграцијата се должи на реални општествени проблеми, а колку на субјективниот впечаток на граѓанинот за моменталната ситуација?“, се наведува во поканата за настанот.
Регистрацијата за настанот може да ја пополните на овој ЛИНК. Настанот ќе биде пренесуван на Радио МОФ.