Ричард Галијано, францускиот виртуоз на хармоника, ќе го отвори овогодинешното шесто издание на фестивалот на музиката во светот во Битола од 6-8 ноември. Галијано заедно со познатиот квартет „Тангарија“ ќе се претстават со музичка комбинација од Ј.С. Бах, салса, танго, самба и валцер.
„Ричард Галијано е национален уметник од најголем ранг на Франција, ги освоил трите најголеми национални награди што ги доделува Франција, почнувајќи од витез па до највисокото признание“, рече Борче Димитровски, директор на Центарот за култура.
На втората фестивалска вечер ќе настапи групата „Фолтин“ и истанбулскиот диџеј со македонско потекло, Али Дојран.
Настапите за време на фестивалот ќе се случуваат во Центарот за култура и во „Хаус Бар“ на Широк Сокак, а последната вечер од фестивалот ќе биде во „Порта Џез“ со настап на Јасмина Беличанска квартет.
Фестивалот е во организација на Центарот за култура од Битола под покровителство на Министерството за култура. Селектор на програмата е Оливер Јосифовски.