И покрај првичните најави дека новите учебници за шесто одделение ќе бидат достапни за учениците до крајот на септември, тие и понатаму се во процес на печатење или одобрување.
„За шесто одделение, одобрени се учебниците по природни науки, македонски и албански јазик, чија дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Одобрен е и учебникот по математика и по завршување сите постапки, ќе може да се печати и испорача“, информираа од Министерството за образование и наука (МОН).
Оттаму соопштија дека учебниците од прво до петто одделение, за кои МОН ги поседува авторските права годинава се целосно набавени и испорачани до училиштата, исто како и учебниците од седмо до деветто одделение, кои пак, се во сопственост на издавачки куќи. Од учебниците во сопственост на МОН и преку откуп на учебници за кои Министерството не ги поседува авторските права, досега во 2023 година, обезбеден е тираж од 1.374.324 учебници., a над 98% од учебниците се веќе дистрибуирани.
„За споредба пред 5 години, односно во 2018 година беа набавени 823.604 учебници. Во 2019 се набави тираж од 655.934 учебници, во 2020 вкупно 732.634 учебници. Во учебната 2021/2022 година се набавија вкупно 748.421 учебници. Податоците покажуваат дека учебникот како едно од основните полагала за совладување на наставната материја по сите предмети е значително подостапен, за разлика од минатите години“, велат од МОН.
Од Министерството велат дека по 15-тина години за првпат се обезбедени нови учебници по 150 предмети во средното стручно образование и во гимназиското. И овие учебници етапно се печатат и испорачуваат до училиштата, согласно искажаните потреби преку електронска апликација на министерството, пред почетокот на учебната година.
„Учебникот е едно од наставните средства што се користи за постигнување на целите на воспитно-образовниот процес и треба да овозможи постигнување на националните стандарди на знаење, учење со разбирање и подигнување на креативноста, иновативноста и критичкото размислување кај учениците. Изработката на квалитетен учебник е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание. Но, МОН ќе продолжи и во иднина навремено да ги спроведува своите надлежности, согласно правната регулатива и да се заложува за обезбедување на квалитетни учебници за сите ученици“, велат од МОН.