Шилегов: Државниот инспекторат да се вклучи доколку Чаир не ја урне дивоградбата кај Мавровка

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска ја повика Општина Чаир да најде начин да ја отстрани дивоградбата во центарот на градот кај ТЦ „Мавровка“, а доколку тоа не се случи, да се вклучи и Државниот инспекторат.

„За да не дојде во иднина до вакви случаи градежните инспектори треба да се префрлат во Градот, односно Општините да ги издаваат градежните дозволи, а Град Скопје да ги инспекторира градбите. Тоа е концепт кој ќе спречи дивеење низ градот“, рече Шилегов.

Општина Чаир објави трет тендер за избор на фирма за отстранување на нелегално изградени објекти на територијата на општината.

Откако на првите два тендери не се јави ниту една фирма, сега општинарите ја зголемија проценетата вредност за договорот од еден на два милиони денари.

И понатаму за надлежните служби останува непознато името на лицето кое ја гради нелегалната градба, иако дивоградбата е подигната два месеци. Општина Чаир преку својот инспекторатот утврди само „непознат сторител“. МВР соопшти дека го известиле Обвинителството за сомневање за кривично дело „бесправно градење“.

Инаку, на почетокот на јули, кога телевизија Алфа почна да го истражува случајот, објави дека го сретнале сопственикот на земјиштето каде се гради. Тој тврдел дека е инвеститор на објектот. Според Алфа, се работи за Мевљудим Алити, сопственикот на „Фонтана“, кафулето кое изгоре во пожар. Тој тогаш тврдел дека се гради според дозволата која ја добил од општина Чаир.