Градоначалникот на Град Скопје вчера на Архитектонскиот факултет го презентираше конкурсот за идејно решение за дизајн на урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и заштитни столпчиња за зеленило, упатувајќи повик до студентите поактивно да се вклучат во давањето идеи за дизајн за потребите на градот.
Тој посочи дека конкурсот, кој ќе биде јавно објавен следниве денови, ќе биде отворен за сите заинтересирани и дека новиот дизајн на урбаната опрема ќе биде поставувана пред училишта, студентски домови, факултети, плоштади, булевари и други јавни простори кои се во надлежност на Градот.
„Сакам да истакнам дека ова симболично обраќање од тука треба да се сфати како охрабрување и поттикнување на студентите за што поактивно да се вклучат во давање идеи за дизајн на урбаната опрема за потребите на Градот. Целта ни е да го зголемиме нивото на креативна конкурентност и да дадеме современа димензија на урбаниот стил на Градот. Затоа, почитувани студенти, сега ја имате можноста директно да го креирате Скопје за сите нас, вашиот визионерски дух да го пресликате во нашето секојдневие, со вашиот креативен и уметнички капацитет да влијаете врз урбаниот развој на Градот. Вие сте прогресивната сила на Скопје, затоа јас како градоначалник Ве уверувам дека вашиот глас и визија нема да останат незабележани од оваа градска администрација“, рече Шилегов.
Од Градот информираат дека конкурсот ќе биде јавно објавен и отворен за сите заинтересирани. Повикот ќе биде достапен и на интернет-страницата на Град Скопје и ќе трае 30 дена од официјалното објавување.
Пријавувањето и добивањето на конкурсната документација ќе се врши преку адресата konkurs@skopje.gov.mk. Првата награда на конкурсот е во вредност од 300 евра, а втората од 150 евра.