Школската година за некои од нетипичните деца започна без образовен асистент

Иако влегоа во училишните клупи, новата учебна 2021/2022 година за дел од децата со нетипичен развој стартуваше без образовен асистент. Родители сè уште чекаат термин од Службата за функционална проценка на деца и млади (МКФ), чиј извештај за образовен асистент мора да се приложи во основното училиште каде детето е запишанo, за потоа асистентот да биде поддршка на наставникот во едукацијата.   

Годинава почнува нов систем за образовните асистенти. Вкупно 500 треба да се исплаќаат од буџетот на Министерството за образование и да се вработат преку посебните училишта како „Златен Сремец“ и „Иднина“ (вкупно пет во Македонија), кои пак го менуваат статутот и стануваат Училишта со ресурсен центар. Идејата е ресурсните центри да нудат искуство, компетенции и обуки во инклузивниот процес на основните училишта. А, после 2022-2023 година, кога би прекинале да запишуваат нетипични деца во нивната установа, сите деца да се вклучат во основните училишта, да бидат заедно инклузирани, без разлика на попреченоста. Меѓувремено да поминат и проценки низ Службата што работи по МКФ (Меѓународна класификација на функционалности).

Меѓутоа, проблемот е што процесот „заглави“, се одложи неколку пати. Проценката од МКФ за децата требаше да се врши меѓу март и јуни, потоа беше речено дека ќе финишира до крај на август, а сега веќе пројде 1 септември и за сите нема одредено образовни асистенти. Ваквата ситуација остави родители во неизвесност, бидејќи воедно не знаат и каков образовен план или програма следуваат за детето. Мораат да бидат и на линија со училиштето и да ја уверуваат управата дека „ќе добијат извештај“, иако не знаат кога тоа ќе се случи.

Елена Јакимовска-Павлеска, мајка на дете со аутизам, е револтирана од развојот на настаните. Tаа e гласноговорник од иницијативата-група „Посебни родители“, каде мајки и татковци постојано споделуваат искуства и предизвици. Јакимовска-Павлеска добила извештај од МКФ вчера, но голем број родители, вели таа, долго време се оставени на листа на чекање, иако аплицирале за термин уште февруари, март, април…

„Додека топката се префрлува од институција до институција, за жал, нашите деца остануваат колатерална штета“, вели таа.

Раскажува дека за нејзиното дете лани добила образовен асистент. Благодарение на асистентот, имале голем успех, ама оваа година, гледа проблем што постапката е сменета, па наместо преку општините, смета сега процесот е долг и неорганизирано е работењето.

„Мојот извештај од МКФ го добив, но асистентот кој молев уште пред да заврши школската година да остане истиот – ми прати порака дека е доделен на дете во Карпош во училиште. Со кое право го земаа мојот асистент?! Ми нанесоа толку стресови и штета. Моето дете вчера во училиште ме држи во рака и го бара асистентот. Затоа што асистентот го асоцира на училиште“, потенцира Јакимовска-Павлеска.

Според неа, децата од аутистичниот спектар се сложувалка. Односно, вели таа, самите бараат сложувалка која ќе биде склоп во нивните потреби.

„Не може секое дете со аутизам, или од сиот спектар на аутизмот, да му наметнувате кој ќе му биде асистент. Детето доживува емотивен шок. Детето мора да прифати за да има асистент. Ниту еден асистент не треба да потпишува договор за работа ако договорот не е најмалку пет години. Затоа што од прво до петто одделение се најважните години, во кои детето добива знаење. Го пуштаме во училиште да добие знаење. А, не да ни се јавуваат на телефон и да ни кажуваат ‘нетрпелив е, не сака да седи во училница, дојдете и земете го’“, вели таа.

Реагира и за извршената проценка од МКФ. Смета дека проценка од 20-30 минути од социјален работник, доктор и дефектолог, не може да го дефинира развојниот стадиум на едно дете. Исто така, ковид-кризата не треба да биде изговор за ненавремено обезбедените образовни асистенти, а доколку надлежните не биле спремни – требало со време да соопштат на јавноста. Да не ги ставаат во тесно и родителите, и децата, и самите училишта.

Вчера во училиштата започна новата школска година / Фото: Радио МОФ

Горан Петрушев, раководител на Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ Здравствен дом, за Радио МОФ потврдува дека сè уште не е целосно завршена постапката за образовните асистенти. Аргументот е дека пандемијата ги замрела активностите, екипирањето на стручните служби, а истовремено вакви тела за проценка се прошируваат и почнуваат да работат на неколку места во Македонија.

Според него, ова е нов систем, од корен, на почеток можеби тежок, но ќе донесе позитивни промени. За децата да се вклучат во одредена форма на општествено живеење. Смета дека не е поентата детето да го стават само во некаква „категоризација“, туку ќе следат што му треба индивидуaлно, од најмала до поголема возраст.

„Двете скопски тела функцинираат, секојдневно правиме проценки. Едното тело е во Домот ‘11 Октомври’, другото е во Завод за рехабилитација на деца и младинци, Општина Бутел. Имаме стручно тело што врши проценки и во Битола и Струмица“, вели тој.

Петрушев тврди дека најголемиот број од децата се поминати на првична проценка. Сите што имале асистент минатата година, од тие 90% се поминати.

„Реално, има и такви што не се поминати, ама се помал број. Во текот на септември сметаме дека сите ќе поминат“, тврди тој.

На прашањето зошто досега не е завршена работата, ако родители уште од март-април аплицирале за термин, тој вели дека имало и „аларматни случаи“, и „случаи на родители кои немаат сериозен проблем со детето, со попреченоста, а сепак поднеле барање“.

„Ние гледаме и по проблемот. Пример, ако е барањето дека на детето не му оди математика, не може за тоа функционална проценка. Децата со посериозни проблеми – тие имаат приоритет, и веќе поголемиот дел се поминати. Ние ја утврдуваме потребата (за образовен асистент н.з.) и го пишуваме наодот и мислењето“, вели тој.

Службата, додава Петрушев, според функционалноста на детето одредува дали му треба образовен асистент, асистивна технологија, дали му треба Индивидуален образовен план (ИОП), или модифицирана програма.

„Тоа го одредуваме, му го даваме на родителот, а родителот си го носи во училиштето, а училиштето за образовен асистент се обраќа до ресурсниот центар“, вели Петрушев.

Во однос на оние училишта што сè уште одбиваат да примаат нетипични деца, под изговор дека „немаат капацитет и можности“, потенцира дека сега и се законски обврзани. Исто така, училиштата од МОН имале насоки да ги примаат децата во училница додека им се одреди образовен асистент.

„Инклузивните тимови во училиштата (според Законот за основно образование н.з.) треба да си ја презедат задачата и да ги примат децата, да им направат ИОП, итн… Ова е нов процес, па одредени училишта сериозно си ја сфатија работата. Но, има одредени училишта кои уште не им е јасно, па уште ги одбиваат. Едноставно, училиштата треба да ги почитуваат упатствата од МОН и да постапуваат по нив, нема друго“, потенцира Петрушев.

Од Министерството за образование и наука (МОН) до објавување на текстов не добивме одговор за насоките дадени кон училиштата во поглед на ваквите инклузивни процеси.

Претходно, при крајот на јули, кога беа објавени огласите за образовни асистенти, министерката за образование Мила Царовска рече дека еден од главните приоритети им е учебната година да стартува со зајакнати капацитети и поддршка, со кои ќе се обезбедат вклученост на децата со нетипичен развој во редовната настава.

Министерката Царовска на 23 јули на средба со национални инвалидски агенции, родители на деца со нетипичен развој, директори од ресурсни центри и Националниот координатор на телото по МКФ / Фото: МОН

„Во тек се јавни огласи за што во буџетот на МОН веќе се обезбедени 59 милиони денари, со што за првпат системски ги решаваме вработувањата на образовните асистенти. Образовните асистенти ќе имаат 24.000 денари месечна нето плата и ќе бидат вработени во петте училишта со ресурсен центар. Исто така на ресурсните центар им се доделени средства од 2.500.000 денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование“, рече тогаш Царовска.

Обуките за образовните асистенти, по пат на принципот „обуки за обучувачи“ (teaching of teachers), беа најавени во април, но потоа се одложија за во втората половина на месец август. За самата позиција образовен асистент, пак, во разговор со Радио МОФ, директорката на „Златен Сремец“ Марија Делетиќ рече дека на огласите постои голем интерес. Претходно тие одеа преку општините и добиваат хонорари од 7-8.000 денари, што често им доцнеа. Од годинава, освен да бидат плаќани од буџет, идејата е тие да бидат поддршка за наставникот, а не личен асистент на ученикот. Наставникот да биде носител на инклузијата. Исто така, услугата образовна асистенција да не биде „еден на еден“, туку поддршка до три нетипични ученици во исто одделение, за што од самите специјални едукатори се подигна прашањето како тоа би се изведувало и како би функционирало во пракса.

– – – – – – – – – – –

*Дополнување:

Наредниот ден, по објавување на текстот стигна одговор и од МОН, од каде тврдат дека бројот на ангажирани асистенти е речиси двојно поголем во однос на просекот во изминатите учебни години. Ангажманот на образовни асистенти зависи од искажаните потреби на родителите на учениците, велат тие, а доколку тие потреби се зголемат во текот на годината – министерството ќе излезе во пресрет. Исто така, напоменуваат дека извештајот кој го издава службата по МКФ не е услов за упис во училиште од 1 септември.

Бојан Шашевски