Со ново законско решение, кое беше изгласано синоќа, Шкотска стана првата светска држава која ги направи менстуралните производи бесплатни за сите на кои им се потребни.
Шкотскиот парламент едногласно го изгласа законот кој е направен на таков начин да создаде обврска за владата да обзбеди бесплатни и достапни менструални производи, како влошки и тампони, за сите граѓани на кои им е потребно на ниво на цела држава.
Според проценките на властите, трошоците за оваа законска обврска ќе бидат околу 8,7 милиони фунти годишно.
Законот беше предложен од пратеничката Моника Ленон со цел да се намали менструалната сиромаштија и да им се помогне на оние кои не можат да си приуштат санитарни производи. Нејзината кампања за оваа мерка траеше четири години.
„Ден на гордост за Шкотска и сигнал за светот дека бесплатна универзална достапност до менструалните производи може да се постигне“, напиша Ленон на Твитер.
Таа истовремено посочи и дека земјата и претходно постигна доста успеси во олеснување на пристапот до менструалните производи. Во 2018 година Шкотска обезбеди бесплатни влошки и тампони во училиштата и универзитетите.
Претходно истражување покажа дека една од секои пет жени во земјата доживеале менструална сиромаштија, што има огромно влијание врз нивната лична хигиена, здравје и благосостојба. Според студијата, секоја жена просечно троши по 13 фунти месечно на менстурални производи, односно преку 18.000 фунти во текот на животот.
И пред да се донесе законот, голем број приватни бизниси, ресторани, кафулиња, па дури и фудбалски клубови, започнаа да обезбедуваат бесплатни производи за менструална хигиена.