Првата министерка на Шкотска, Никола Стурџон, денес повика на распишување на втор референдум за отцепување на Шкотска од Обединетото Кралство.
Стурџон повика на референдум на говор во шкотскиот парламент изутринава. Изјави дека владата на Велика Британија „не се поместила ни инч во потрагата по компромис и согласност“ со шкотската влада во однос на Брегзит, и дека дури и добар договор би бил „значително инфериорен“ во однос на статус квото.
„Ако може Шкотска да биде игнорирана за проблем кој е толку значаен како Европската унија и единствениот пазар, тогаш е јасно дека нашиот глас ќе биде игнориран во било кое време, за било кој проблем“, изјави таа.
Првата министерка рече и дека гласањето треба да се одржи меѓу есента 2018 и пролетта 2019 – пред да биде предоцна, но „пред да бидат познати условите на Брегзит“. Додава и дека ќе побара од владата на Велика Британија да го одобри референдумот, но и дека тие треба да ја почитуваат волјата на шкотскиот парламент.
„Верувам дека во референдум, шкотскиот народ ќе избере независност, но тоа ќе биде изборот на луѓето на Шкотска. Јас бев многу јасна дека тоа ќе биде избор за кој тие ќе бидат добро информирани“.
Лидерот на Лабуристичката партија на Велика Британија, Џереми Корбин, објави дека неговата партија нема да ги поддржи повиците за распишување на референдум.
„Референдумот за независност во 2014 година беше обележан како настан кој се случува еднаш во генерацијата. Резултатот беше јасен и нема апетит за друг референдум.
Лабуристите веруваат дека е погрешно да се одржи друг референдум наскоро и Шкотската лабуристичка партија ќе се спротиви на овој повик во шкотскиот парламент.
Ако сепак шкотскиот парламент изгласа референдум, Лабуристите нема да ја блокираат таа демократска одлука во Вестминстер“.
Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, ја осуди Стурџон дека „и нуди на Шкотска само повеќе несигурност и поделба“.