Неформалното здружение за култура и образование „Дума ин Сума“ го објави „ШОК“ – списание за култура кое е достапно за бесплатно преземање.
Во списанието може да се најдат колумни, репортажи, интервјуа, колажи, поезија, проза, стрипови.
„’ШОК’ е списание од млади за сите, изработено од учесници на серијалот работилници за креативно пишување под водство на ‘Дума ин Сума’“, се вели во соопштението.
„ШОК“ е достапно преку веб-сајтот dummainsumma.com, отворен по повод една година дејствување на неформалната група, а освен списанието, на сајтот се објавени и текстовите напишани на петте работилници одржани досега, заклучно со последната – „Поетиката на периодиката“.
„Преку сајтот свои текстови и стихови може да ни испраќаат сите заинтересирани кои сакаат повратно мислење за своето дело или простор за објавување. Нестрпливи сме да читаме“, велат од „Дума ин Сума“.
Составено од книжевничките Марија Бошковска и Ивана Смилевска, „Дума ин Сума“ ја поттикнува креативноста кај младите преку креативното пишување и соработка со уметници од други дисциплини. Преку континуираната соработка со визуелниот уметник Дарко Алексовски, досега се одржани три изложби на фанзини и една промоција на списание.
Дизајнот на „ШОК“ е на Дарко Алексовски, а насловот „ШОК“ е по цртеж и идеја на Силвана Ѓоргиевска, учесничка на работилниците.
Промоцијата на списанието се одржа на 21 октомври во КСП „Центар Јадро“.
Работилницата за креативно пишување „Поетиката на периодиката“, и печатењето на „ШОК“ е поддржано од Министерството за култура и туризам преку конкурсот „Цртај на македонски јазик“ 2024.