Иселувањето, евроинтеграцијата и регионалната соработка на младите во регионот беа главните теми на Младинскиот форум кој е дел од „Преспа Форум Дијалог“, кој од вчера се одржува во Охридско – Преспанскиот регион, под покровителство на македонското Министерство за надворешни работи.
Последните анкети и истражувања покажаа поразителни бројки за тоа како младите гледаат на нивниот статус во земјите од Западниот Балкан. Мнозинството млади од регионот се гледаат себеси надвор од својата држава во следните 10 години.
Според Алберт Хани, Генералниот секретар на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), сега е шансата да се променат овие загрижувачки статистики.
„Треба вистински да ги слушаме младите и нивните потреби. Треба заеднички да креираме младински политики со младите, не да ги забораваме. Треба вистински да ги поддржиме во нивната креативност и енергија и да им дадеме јасен сигнал дека се душата на овој регион. Не смееме да се коцкаме со нивните соништа“, рече Хани на панелот „Младинската визија за иднината на регионот на Југоисточна Европа“.
За Стефани Спировска, претседателката на Младинскиот образовен форум, потребно е уште многу да се работи на младинското учество и младинската ангажираност, бидејќи искуствата им покажале дека младите кои се вклучуваат во подобрување на нивните локални заедници се пооптимистични. Според неа важно е што Северна Македонија сега има закони кои гарантираат дека младите ќе бидат вклучени од локално ниво, до училиштата и универзитетите, бидејќи тоа им дава надеж дека можат да направат промена во регионот.
„Младите го носат товарот создаден од претходните генерации. Го имаат товарот на транзицијата, процесите на помирувањата, товарот од ветувањата кои сè уште не се исполнети. Мораме да се осигураме дека сите ветувања и сите очекувања кои младите ги имаат во моментов ќе бидат исполнети во разумен период, бидејќи тоа се работите по кои се стремат младите. Доколку ние како општество не успееме да им го обезбедиме тоа во нивните земји, тогаш младите ќе најдат начин тоа да го направат во Европската Унија“, рече Спировска.
Петра Балажиќ, политички советник во Регионалниот совет за соработка, сподели податоци од „Европскиот барометар“ според кои само 17% од младите во регионот се задоволни од тоа како изгледа ситуацијата во нивните економии., процент кој е понизок од ставот на целото население. Дополнително, анкетите покажуваат дека третина од младите не презеле ништо за да направат политичка промена. Истовремено младите имаат и далеку поразлични приоритети од вкупното население во државите од регионот. Додека генерално меѓу највисоките приоритетите влегуваат земјоделието и малите и средни претпријатија, за младите приоритетите треба да се стават на образованието, туризмот, науката и технологијата.
За Франческа Муцо, активистка од Албанија и претставник во управниот одбор на РИКО, многу важно е да се зголемат инвестициите во младинските политики, со фокус на интерсекторски пристап.
„Ако сакаме да инвестираме повеќе во подобрување на квалитетот на животот на младите, младите не треба да бидат свесни само за своите права, туку и за тоа како можат да влијаат за правење промени, кои се демократските механизми кои им стојат на располагање. Но, треба да работиме и на подигање на нивното чувство дека тие ја имаат власта врз јавните институции“, рече таа.
Младите од регионот истовремено се оптоварени и со историски спорови кои го кочат нивниот прогрес. Според Никос Бакирцис, политиколог од Грција, новата балканска генерација не смее да робува на минатото.
„Не велам дека треба да го игнорираме минатото. Треба да го проучуваме со цел да учиме од нашите грешки за да можеме да напредуваме заеднички и да не ги повторуваме истите работи кои постојано не одведуваат во ќорсокак“, објасни тој.
За Наумче Мојсовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, влијанието на младите во Северна Македонија станува сè повидливо. Тоа, според него, е резултат на партнерскиот однос кој е постигнат меѓу младите и институциите.
„Младите луѓе од Република Северна Македонија се луѓе со јасна визија. Тие не сакаат да бидат дел од онаа бројка која пред неколку години ја збогати статистиката на иселени луѓе од државата. Јасно е дека голем дел од нив сакаат да останат и да работат дома. А доколку сакаат да ја напуштат државата, тоа да биде избор, а не да бидат присилени да го направат тоа бидејќи тука немаат услови за напредок, исполнување на нивните идеи и реализација на нивните професии“, рече Мојсовски.
Младинскиот форум претходно го отвори Министерката за образование и наука, Мила Царовска, која рече дека само преку активизам, единство, но и преку градење на пријателства и партнерства во регионот и пошироко можат да ги постигнуваат личните цели и постојано да поставуваат уште повисоки, а со тоа и да помагаат на државата да оди напред.
„Младите знаат дека преку личен активизам и преку ширење на контакти и комуникации, побрзо се напредува и се остваруваат личните цели. Затоа, ние возрасните да им помогнеме преку сите начини, канали, средства и алатки кои ни се на располагање, повеќе и побрзо меѓусебно да се конектираат. Така ќе придонесеме и побрзо да созреат, да станат достојни за преземање на улогите кои ние сега ги извршуваме и да ги надминат позитивните резултати и успеси кои ги постигнавме“, потенцираше Царовска.
Идејата на „Преспа Форум Дијалог“ е продлабочување на соработката и размена на позитивни практики и искуства помеѓу земјите од Западен Балкан во повеќе области, вклучително и преку младинскиот активизам, а со цел јакнење на регионот и негова целосна интеграција во европското семејство.
Даниел Евросимоски