Шпанските пратеници усвоија закон за благосостојба на животните минатата недела, кој е придружен со промена на кривичниот законик со кој се предвидуваат и затворски казни за оние кои злоупотребуваат животни.
„Ова е многу важен ден бидејќи Парламентот конечно го усвои првиот закон за правата на животните во нашата демократија“, изјави министерката за социјални права, Ионе Белара.
Како што изјави Белара, со законот „се става крај на некзанивоста на луѓето кои злоупотребуваат животни“ и претставува „прогрес кој содејствува со чувствителноста на граѓаните кои сакаат да ги заштитат животните“.
Законот наложува задолжителна обука за сопствениците на кучиња, кои исто така ќе имаат забрана да ги оставаат сами своите миленици подолго од 24 часа. Истовремено се прави задолжителна стерилизацијата на мачките, освен оние кои се на фарми.
Промената на кривичниот законик, пак, ги зголемува казните за злоупотреби, па сторителите можат да добијат и до година и пол затвор доколку од нивните постапки на животното му е потребна ветеринарна грижа. Оваа казна се зголемува на две или три години затвор доколку животното умре.
Според досегашните казнени одредби, максималната казна за смрт на животно беше 18 месеци затвор.
Овие мерки главно се однесуваат на домашни животни и не ги опфаќаат животните на фарми или ловечките кучиња. Со законот исто така не се опфаќаат борбите со бикови.
Неколку други европски држави веќе ги променија или се во постапка на менување на кривичните закони со цел да се подобри заштитата на домашните животни.