По неколкумесечна дебата, која на моменти беше причично жестока кај левицата, шпанските пратеници вчера го изгласаа законот со кој се овозможува луѓето слободно да го променат родот од 16 годишна возраст.
Таканаречениот „трансродов закон“ овозможува луѓето да го променат родот на нивните лични документи преку едноставна административна постапка. Досега трансродовите лица во Шпанија мораа да добијат лекарска дијагноза од повеќе доктори за родова дисфорија, што претставува психолошка состојба на чувство дека родовиот идентитет и биолошкиот пол на лицето се различни. Овие луѓе исто така мораа да докажат дека имале хормонска терапија најмалку две години за да го променат родот во документите.
Законот беше изгласан со 191 гласови „за“ и 60 гласови „против“, додека 91 пратеник беа воздржани. Со него исто така се овозможува ова право и на лицата помеѓу 14 и 16 години, кои тоа би го побарале преку нивните родители или старатели, како и на оние на возраст од 12 до 14 години, доколку добијат дозвола од суд.
„Денеска направивме огромен чекор напред со признавањето на слободното идентификување на родовиот идентитет“, изјави министерката за еднаквост на Шпанија, Ирене Монтеро.
Шпанија со ова се приклучува на малиот број земји во светот кои овозможуваат родова самоидентификација преку едноставна изјава. Прва земја која го овозможи ова право во Европа беше Данска во 2014 година.
Овој закон доаѓа во време кога други земји во Европа се повлекуваат во чекорите кон подобрување на правата на трансродовите лица. Минатата година во Шведска властите го ограничија пристапот до хормонална терапија за малолетници, освен во многу ретки околности. Во Франција, државната Академија за медицина повика на „голема здравствена претпазливост“ кога се работи за давање хормонална терапија на млади пациенти. Во Велика Британија, пак, властите во Лондон го блокираа законот за родово признавање на Шкотска со кој ќе се овозможеше промена на родовиот идентитет на граѓаните по административен пат.