Веќе повеќе од една недела студентите од универитетот„Complutense“ во Мадрид се затворени во Ректоратот. Планираат да останат таму додека не ги постигнат своите цели. Студентските собранија на најголемиот универзитет во Шпанија, а втор во Европа, имаат намера со оваа акција да се изборат против поскапувањето на школарината што резултираше со исклучување на 3 500 студенти кои не беа во можност да го платат целиот износ за нивните студии.
Основата на проблемот кој ескалираше изминатиот период е долгот на универзитетот од приближно 142 милиони евра. Извршниот директор Игнасио Гонзалес, кој неколку пати мораше да се појавува на суд, склучил договори за две големи позајмици, еден од 43 милиони, а другиот од 19,5 милиони евра и должи повеќе од 60 милиони евра.
„Ние студентите и вработените на нашиот универзитет, сме затворени во нашиот Ректорат уште од 16-ти овој месец како одговор на ваквите намери за комерцијализација на универзитетот“.
Откако оваа вест се најде на социјалните мрежи, минатата недела стотина студенти одлучиле да се затворат во Ректоратот откако некои нивни колеги, кои не можеле да ги платаат студиите, биле отпишани од универзитетот. Во протестот активно се вклучени повеќе од стотина студенти.
„Се менуваме во смени во текот на денот и ноќта, па затоа понекогаш изгледа како да сме само 30“, изјави Мигел Севиља, еден од студентите кои протестираат.
Тој вели дека „ова е многу комплициран период“ бидејќи се ближат јунските сесии, па е многу тешко да се постигне и учењето и протестите. Затоа, освен смените, тие имаат обезбедено и посебни простории кои тие ги нарекуваат „области за учење“ во истата зграда.
„Затворањето на Ректоратот е како продолжена седница, имаме еден или повеќе состаноци на ден“ изјави Севиља.
Тие велат дека штом од Ректоратот изразат желба, тие се подготвени да почнат со преговори. Немаат претставници, ниту лидери, но затоа имаат организирано три работни групи за продолжување на „окупацијата“.
По една недела акција, студентите имаат постигнато усен компромис со Ректоратот дека ако протестот остане мирен, нема да бидат протерани. Но, тие се претпазливи. Севиља објаснува дека ова не е вообичаеното однесување на припадниците на специјалната полиција последните неколку месеци. За протестот има двоумења колку ќе трае. Има професори кои нудат предавања во Ректоратот, младите добиваат поддршка од многу групи.
Со 57 отсто младо население и пораст на цените за пристап до високо образование, кое во некои случаи доаѓа до сума од 5 000 евра годишно, иднината на голем број студенти останува неизвесна.
Запоседнувањето на Ректоратот во Шпанија е уште еден случај каде што студентите се незадоволни од скапите цени за високото образование. Минатаат седмица во Белград, голем број студенти го окупираа ректоратот на Универзитетот за уметност и минаа една ноќ во зградата. Студентите се бореа против зголемување на школарината, прекин на процесот за укинување на автономијата и им дадоа поддршка на професорите во борбата за јавно финансирано образование.