Цело село во Шпанија изгласало градоначалник за помалку од 3о секунди. Гласањето се случило викендов, во рамки на локалните избори во Шпанија, јавува „БиБиСи“.
Во селото Виљароја, се регистрирани седум гласачи, а овојпат тие го „урнале“ својот претходен гласачки рекорд од 32 секунди.
Салвадор Перез, изгласаниот градоначалник е на функцијата од 1973 година.
„Не сум сигурен дали ќе ги добијам сите седум гласа, но прилично сум сигурен во исходот“, изјавил Перез за локалните медиуми.
Тој дополнил дека жителите на Виљароја се „добро истренирани“ и биле подготвени за гласање веднаш по отворањето на гласачките места.
Само 29 секунди и 52 стотинки, Виљароја станало првото место во Шпанија каде гласањето било завршено.
Според градоначалникот, неговите сограѓани биле мотивирани од натпреварот со жителите од друго шпанско село, Илан де Вакас, каде се регистрирани само три гласачи.
Шпанските локални избори се гледаат како тест за парламентарните кои таму треба да се одржат кон крајот на годинава.