Делoви од Македонија во последното деноноќие беа зафатени со невреме проследено со силен ветер, што причини штети во неколку региони.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 2.014 повика на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК во последното деноноќие, од коишто „реални“ повици биле 61,52%, а 38,48% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Регионалниот ЦУК Битола известува дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Битола во имале голем број на интервенции што настанаа поради силното невреме (силен ветар над 60 км/ч) што го зафати Битолскиот регион уште вчера во 14:30 часот.
Општина (ЕЛС) Битола во соработка со јавните претпријатија од Битола и ЕВН, вчера интервенира на повеќе локации каде најмногу биле пандати кровови и бандери, а има и случај на паднато дрво кај црквата во село Магарево, при што има оштетен електричен водовод. Исто така, има и оштетувања на возила, што може да се види од локалната Фејсбук-страница „Бабам Битола“.
Регионалниот ЦУК Охрид известува дека пожарникарите од ТППЕ Охрид, во период од 17.20 до 19.45 часот со 2 противпожарни возила и 6 пожарникари, интервенирале на откачен лимен кров поради силниот ветар на улицата „Карпош Војвода“ во Општина Охрид.
Од РЦУК Штип, пак, известија дека ТППЕ Виница во период од 13:45 до 14:30 часот, со 1 противпожарно возило и 3 пожарникари, интервенирале на паднато дрво и бандера како последица на силниот ветар во селото Истибања.
Пожарникарите од ТППЕ Штип, во текот на денот повеќепати интервенирале во отстранување на паднати дрвја, откачена церада и на откорнати делови од покривни (кровни) конструкции на објекти како последица од силниот ветер на разни локации во Штип и неговата околина: Градски горбишта, градинка „Вера Цирвири-Трена“, угостителски објект „Нецко“, градски пазар…
„Како последица на силниот ветер на повеќе места на подрачјето на градот Штип се забележани оштетувања на електрични столбови, кровни конструкции на објекти, фасада од станбена зграда, олуци и автомобили. Појава на паднати дрвја како последица од вчерашниот силен ветер имаше и во селата Облешево и Истибања“, соопштија од ЦУК.
РЦУК Тетово известува дека од 16:45 до 17:15 часот со 1 противпоражно возило и 3 пожарникари, имале техничка интервенција на паднато дрво на улицата „Никола Парапунов“ во Гостивар.
„Пожарникарите, покрај ангажманот за помагање при расчистување на последиците од невремето во урбани средини и гаснење пожари во населени места, интервенираа и за гаснење пожари на отворен простор. Конкретно, Регионалниот ЦУК Скопје, ја пренесува информацијата од БППЗ на Град Скопје, дека во изминатото деноноќие имале два помали интервенции“, посочија од ЦУК.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.