Штетите од катастрофалните поплави во Словенија ќе достигнат неколку милијарди евра, изјави премиерот Роберт Голоб, јавува Ал Џазира Балканс.
Во најкатастрофалните поплави кои се случиле досега во Словенија загинаа најмалку шест лица, беа уништени куќи и оставија села во урнатини. Обилните дождови со денови паѓаа во речиси две третини од земјата, уништувајќи згради и мостови.
„Штетата ќе изнесува неколку милијарди евра“, рече премиерот Голоб.
Според него, за ефикасна санација ќе биде потребно и да се добијат што повеќе средства од европските фондови и помош од странство. Голоб најави дека владата во вторник ќе донесе пакет помош за директно погодените од поплавите.
„Сакаме на луѓето да им го покажеме решението денес“, рече Голоб, додавајќи дека времето за акција не треба да се брои во месеци и години, туку во денови и недели.
Тој истакна дека е неопходно да се врати довербата на луѓето во државата и иднината.
Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови ширум северозападна и централна Словенија, а војската, пожарникарите и спасувачите се обидуваат да ги расчистат улиците.
Вкупно загинаа шест лица, вклучително и двајца Холанѓани за кои се верува дека биле погодени од гром.
Словенечката агенција за животна средина соопшти дека поплавите почнале да се намалуваат во понеделникот, но дека некои области сè уште се отсечени.
Европската Унија на Словенија ѝ понуди тешка машинерија и инженерски единици. Словенија, исто така, побара хеликоптери, војници и монтажни мостови од НАТО. Хрватска и Унгарија помогнаа со хеликоптери, а Германија со тим за цивилна заштита.