Штипското филмско/театарско лоби, фирми и поединци собраа средства за да им помогнат на четворица средношколци од самостојната актерска група „Репетицона 04“ во петок да заминат во Бугарија, и да учествуваат на Меѓународниот театарски фестивал „Океан љубов“ во Пазарџик, Бугарија.
Претходно општината одбила да го поддржи нивното учество, и да им додели стотина евра за пат. Затоа побараа помош преку социјалните мрежи. Жално е, велат за Радио МОФ од „Репетицона 04“.
„Откако објавивме на Фејсбук дека имаме потреба и дека не ни ја задоволиле тогаш се понудија барем да ни платат бензин до Бугарија. Колку да се каже дека не сме без ништо“, револтирани се од младата актерска група.
Претходно биле одбиени од општината со изговор дека идат избори, па парите од буџетот се чувале за тоа. Но затоа во пресрет им излегоа нивните повозрасни колеги од театарскиот свет.
„Изреволтирани од ова, без грам сомнеж пар културни работници од Штип (шо го претставуват градо низ секое ќоше у свето) Јелена Јованова, Наташа Петровиќ, Душица Тренева Зафировски, Сања Арсовска, Тања Рибарска, Сандра Ѓорѓиева и јас, одлучиме да собереме по некој денар и да им помогнеме на дечките да отидат и да го бркат својот сон! Не е толку до парите колку што е до подршката што е потреба на уметници. Како што ние сме ја добивале, должност наша е да го пренесеме тоа. Некои луѓе имат потреба за творење (како шо други имат потреба да кркат државни пари) и тоа не треба да биде ускратено ради политика и бирократии!“, порача дизајнерот на звук Сашко Потер Мицевски и заедно со донацијата им посака на младите од „Репетициона 4“ да го сонуваат својот сон.
„Репетициона 04“ е формирана пред една и пол година и има две успешни претстави со многу репризи во Штип. Членуваат средношколците Соња Пилатовам Ана Марковска, Борче и Стефан Михов кој моментално не е во Штип, па негова замена е Јаков Трајанов. Во Бугарија ќе настапат со претставата „Недоразбирање“ од Албер Ками, во режија на младата Ана Марковска.
„Големи луѓе, ФАЛА е мал збор во споредба со тоа што вие денес го направивте за нас. Поддршка од било кој секогаш е добредојена и секогаш значи многу. Но оваа вечер добивме поддршка која што не можеше да биде попотребна, која како прво претставува најголема инспирација за понатамошни успеси, голем излив на љубов која неизмерно ни ја дадовте. Не сте свесни што оваа вечер вие, драги театарџии, предизвикавте кај нас. Изреволтирани од денешната ситуација во ова наше плитко општество, изреволтирани од односот и недоволната поддршка, пропаднатиот ден успеавте да го разубавите максимално и повторно да ја вратите надежта кај нас дека, сепак постојат големи луѓе во овој мал свет! Ве сакаме“, порачаа од штипските средношколци од „Репетициона 04“.
J.J.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.