Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот викендот, Радио МОФ ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела од областа на образованието, културата, младите, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Сајтот за ковид-информации за патување со застарени податоци, од МНР велат редовно се ажурира

„Ми треба ли ПЦР-тест“, „Дозволуваат ли да поминеш граница ако си вакциниран?“, ова се првите прашања кои си ги поставуваат македонските граѓани кои сакаат да патуваат во странство последниов период. Во потрага по точни информации или искуства од други луѓе тие често се обраќаат на социјалните мрежи, а во овие дискусии најчесто се постираат линкови од сајтот на Министерството за надворешни работи (МНР) каде во делот за Ковид-19, на едно место, треба да бидат достапни сите овие информации за правилата кои важат за влез во странските држави.

Сепак, кога ќе се разгледаат информациите објавени на сајтот, може да се забележат доста застарени информации, печатни грешки и нецелосни податоци кои можат да доведат до забуна. На страницата не постои известување кога последен пат е ажурирана информацијата за секоја држава поединечно, ниту пак податоците се на некој начин унифицирани за подобра прегледност. Во период кога секоја недела владите ги менуваат и адаптираат своите ковид-мерки, а бројот на активни случаи со коронавирусот расте и се намалува во различни држави, ваквите информации на сајтот можат да предизвикаат сомнеж дали и понатаму се точни.

За целиот текст КЛИК ТУКА.

2. Матурантите добија „4“ на екстерните испити – дел препишувале текстови од интернет за есејот

Многу добар, односно четворка е средната оценка што ја добија матурантите годинава од полагањето на екстерните испити. На ниво на држава полагаа 15 300 матуранти, а нивниот резултат изнесува 3,61 што е повисок од оној во 2019 година, кога изнесуваше 3,48 односно тројка.

„Тоа значи дека нашите матуранти и покрај отежнатите услови во кои учеа, излегувајќи им во пресрет со скратени испитни програми, успеале да постигнат повисокои резултати и да ја потврдат вредноста дека и онлајн наставата може да донесе повисоки успеси во нивната работа“, заклучи Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар.

За сите кандидати, првиот екстерен испит беше мајчин јазик, а втор изборен предмет беше математика или странски јазик за учениците од гимназиско средно образование, додека за стручните училиште имаше избор помеѓу странски јазик и филозофија/естетика.

Целиот текст ТУКА.

 

3. Владата формира Национално советодавно тело за младински политики

Владата на 86-тата седница, ја усвои информацијата за формирање Национално советодавно тело за младински политики.

Таа ги задолжи Агенција за млади и спорт, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за правда, Министерство за локална самоуправа, Министерство за култура, Министерство за образование и наука, Министерство за здравство и Министерство за финансии, да именуваат претставник во Националното советодавно тело за младински политики, до 30 јули 2021 година.

Станува збор за тело кое се создава во рамки на Законот за младинско учество и младински политики. Идејата е да промовира соработка помеѓу младински претставници и претставници на органите на државната управа кое има советодавна и надзорна улога при спроведувањето на младинските политики и активностите за млади.

Прочитајте повеќе на овој ЛИНК.

4. Двојната дискриминација на геј Ромите

Ромите кои се дел од ЛГБТИ+ заедницата во земјава доживува двојна дискриминација. Кај нив постои стравот дека доколку ја  искажат својата сексуална ориентација или родова определба ќе бидат отфрлени од својата заедница која е веќе маргинализирана, но стравуваат и дека ќе бидат отфрлени и дискриминирани во рамки на ЛГБТИ заедницата. Ова се дел од заклучоците на дискусијата за состојбата и пристапот до права на ЛГБТИ+ ромите која во организација на „Субверзивен фронт“ вчера се одржа во „Комитет“.

Според активистот Денис Арслановски кој работи во центарот за социјална работа во Битола, од пред 20 години ЛГБТИ луѓето од ромската заедница биле помалку стигматизирани, во однос  ЛГБТИ луѓето во другите етнички заедници, но во последните 20 години намалена е толеранцијата и трпението поради, како што рече, исламизацијата на ромите како етничка заедница.

„Ако имаше прифаќање луѓето немаше да се женат, да оформуваат семејства и да прават бракови кои искрено не ги посакувале. 90 отсто од ромските ЛГБТИ лица во Битола се во бракови, се соочуваат со предрасуди“, забележа Арслановски.

Тој вели дека проблем е тоа што голем дел од Ромите се необразовани и сиромашни, што само го подгрева целиот проблем.

Целата тема на овој ЛИНК.

5. Како државните универзитети ги губеа студентите [Инфографик]

Претходнава академска година на државните високообразовни институции во Северна Македонија се запишале само 9209 студенти во прва година, што претставува драстично намалување од 45% во споредба на бројот на студенти во академската 2013/2014 кога се регистрирани најголем број бруцоши година последнава деценија.

Процентуално падот е најголем на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола (УКЛО), каде во последните 10 години бројот на бруцоши е намален за три пати, додека во бројки најголемо намалување има кај најголемиот македонски универзитет, „Св. Кирил и Методиј во Скопје (УКИМ), кој последнава деценија има скоро 3.000 бруцоши помалку.

Додека на државните има сè помалку нови студенти, на приватните универзитети последнава академска година биле запишани 3.066 бруцоши, најголем број последниве 10 години. Изминатава година најголем раст има забележано Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, кој во прва година запишал двојно повеќе бруцоши во споредба со академската 2019/2020.

Инфографикот на следниов ЛИНК.

Бонус од изминатава недела: 

Новата, 4-та епизода на Инста(нт) вести:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)