На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на топ вести од образование, култура, граѓанско општество, политика, животна средина…
1. Радио МОФ рестроспектива на 2023 година
2023 година повторно ја заокружуваме со настаните, личностите и темите кои (сметаме) дека ја одбележаа. Можеби нешто пропуштивме, ама листата е долга, како што и годинава беше долга и полна со „нова“ надеж. По пандемиските години, 2023 беше освежување, па почнавме посериозно да се журкаме, но не изостана ни активноста во општеството проследена со протести, нови одлуки, нови културни места…имаше многу новости, па вклучивме теми со активизам, политика, култура, образование, инклузија… и се’ измеѓу.
2. [Галерија] Избор на фотографии за 2023 година од македонски фото-репортери
Побаравме од активните фото-репортери од Македонија да ги изберат најдобрите нивни фотографии за годината што изминува. Меѓу фотографиите што ни ги испратија доминираат протести, традиционални, политички и верски настани, но и најразлични улични фотографии или од други настани кои ги регистрирале преку нивните објективи.
[Галерија] Избор на фотографии за 2023 година од македонски фото-репортери
3. Домашни албуми од 2023 што можеби ги пропуштивте
Веќе изминува 23-ката од новиот милениум, па решивме да склопиме листа со албумски изданија од домашни музичари што ги слушавме токму изминатава година. Листата содржи долги LP-а и пократки EP-a, без жанровски ограничувања, изданија од целиот музички спектар. Се’ на едно место – албуми каде се вклучени искусни и нови бендови, уметници и продуценти.
4. Накитена традиционалната новогодишна елка во Охридското Езеро – нуркачите ја посветија на децата со ретки болести
Нуркачите од Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, со поддршка на волонтерите на Црвен Крст Охрид, во Музејот на вода традиционално и оваа година ја накитија подводната новогодишна елка во Охридското Езеро.
Како и секоја, така и оваа нова 2024 година нуркачите елката им ја посветија на децата со ретки болести со желба за здравје, успех и среќно детство.
5. Македонија 71-ва во светот и меѓу најлошите во регионот според развивање и привлекување таленти
Македонија се најде на 71-то место во светот во конкуренција на 134 држави според Глобалниот индекс за конкурентност на таленти, кој го изработува француската непрофитна бизнис школа ИНСЕАД.
Македонија со вкупен скор од 42,53 е меѓу најлошите во регионот. Пред земјава се наоѓаат Словенија (28 место), Грција (39 место), Хрватска (45 место), Бугарија (49 место), Црна Гора (50 место), Србија (53 место) и Албанија (56 место). Полошо од окружувањето според индексот единствено се најде Босна и Херцеговина (83 место).
Овој индекс во предвид зема повеќе различни параметри, како способноста на државите да развиваат, привлекуваат и задржуваат талентиран кадар, како и вештините и знаењето на работната сила.