На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на топ вести од образование, култура, граѓанско општество, политика, животна средина…
1. [Видео] Европската младинска картичка носи попусти, но освен политичарите и младите забораваат дека постои
Младите не знаат дека постои, политичарите се фалат со нејзините придобивки – Европската младинска картичка од појавувањето на јавната сцена во 2019 година до денес беше етикетирана како неуспешен производ, тешко достапна и непотребна, додека во меѓувреме расте сомнежот и дали некаде воопшто функционира.
Европската младинска картичка бесплатно ја издава Агенцијата за млади и спорт (АМС) која има склучено договори со фирми во разни области, меѓу кои угостителство, образование, култура во места кои треба да нудат попусти од 10% па до 50% на младите од 15 до 29 години.
2. Македонскиот интернет простор се збогатил за околу 6.500 .mk домени во 2023
Точно 6.559 .mk домени (.mk, .com.mk, .net.mk, .inf.mk, .gov.mk, .edu.mk, .org.mk) биле регистрирани минатата година, покажуваат податоците кои Радио МОФ ги доби преку барање за информации од јавен карактер од Македонската академска истражувачка мрежа (МАРнет). Меѓу домените може да се најде буквално се’, од измамнички фишинг сајтови, преку трендовски домени со предзнак за вештачка интелигенција, па се до бројни домени кои се купени за потоа да бидат ставени на продажба.
Нашата проверка на 27 јануари, сепак, покажа дека од сите регистрирани домени, со активни веб-страници се околу 3.800, односно околу 58% од нив. Домен може да регистрира било кое физичко и правно лице преку еден од регистрарите кои спаѓаат под „капата“ на МАРнет.
Македонскиот интернет простор се збогатил за околу 6.500 .mk домени во 2023
3. 30,5% од децата од 6 до 9 годишна возраст во Македонија живеат со зголемена телесна тежина или дебелина
Во 2022 година, повеќе од 1 милијарда луѓе во светот живеат со дебелина, покажува нова студија објавена во „The Lancet“. Во Македонија, процентуално таа бројка е 28,4% кај возрасните, што е зголемување 13,6%, а кај децата и адолесцентите за 7,4% споредено со 1990 година. Дополнително, 30,5% од децата од 6 до 9 годишна возраст во нашата држава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, додека 13,8% од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина.
4. [Видео] „Нејќам тава, сакам права“ – осмомартовски марш во Скопје
Неограничен пристап до безбеден и легален медицински абортус, еднаква плата, проактивност на институциите за превенирање и заштита од родово базирано насилство, трансформација на статусот на работничките во културата, систематско решение за пристап до платено породилно отсуство и боледување за земјоделките и вложување во борбата против митото и корупцијата.
Ова беа дел од осумте црвени линии, односно барања кои беа упатени на осмомартовскиот марш кој се одржа во Скопје.
„За женски права, не се преговара“, „Нејќам тава, сакам права“, „Ниедна жена не е слободна додека сите не сме слободни“, „Стоп за фемицидите“, „Стоп за насилството“, „Еднаква плата за еднаков труд“, „Солидарност со жените во Палестина“, беа пораките кои се скандираа на маршот.
[Видео] „Нејќам тава, сакам права“ – осмомартовски марш во Скопје
5. Како ќе се одвива културата во МКЦ, но и надвор од него за време на изборите?
Случајот со МКЦ, каде новиот директор Арбен Шаќири им ги прекина договорите на 30 хонорарци, донесе реакции и неизвесност за тоа како ќе се одвива културниот живот во овој Центар, но и воопшто надвор од него, бидејќи остануваат одредени нејаснотии и недоумници за тоа што значат и како се спроведуваат препораките на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во изборниот период.
Радио МОФ изминативе денови проба да стапи во контакт со повеќе културни јавни институции, било да се национални, или под капата на Град Скопје, за да видиме каква е таму ситуацијата.
Како ќе се одвива културата во МКЦ, но и надвор од него за време на изборите?