На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение.
1. До каде е отворањето на младинските центри
Пред еден месец во Кавадарци беше отворен општинскиот младински центар, обврска предвидена во Законот за млади, кој беше најавен како прв ваков центар кој работи според новите воспоставени стандарди. Иако отворен среде лето, центарот секојдневно е полн со млади луѓе кои се дружат, разговараат, учат и се информираат, објаснува координаторот Ѓорѓи Нанчев, кој не крие дека е изненаден од посетеноста на центарот.
2. [Мапа] Десетици пожари низ Македонија – каде гореше и сè уште гори?
Македонската јавност деновиве е бомбардирана од информации за бројни пожари низ целата земја. За поголема прегледност на овие информации, Радио МОФ првично подготви мапа на активните пожари и пожарите кои избувнаа во периодот од 30 јули до 6 август, но мапата постојано се ажурира со нови податоци.
3. Министрите го испромовираа, па го заборавија – Порталот за отворени податоци остана неискористена можност
Во прес-салата на Владата, во декември 2018 година, пред новинарите беше промовиран порталот за отворени податоци data.gov.mk. Се работеше за нова платформа која требаше да биде едно, централизирано место каде ќе се објавуваат отворените податочни сетови од македонските државни институции во формат кој ќе биде лесно применлив за статистичарите, истражувачите и новинарите.
Но, полнењето на порталот не се одвиваше како што беше најавено. Кога беше промовиран имаше 115 податочни сетови, а денеска, две и пол години подоцна, на овој веб-сајт можат да се најдат вкупно 281 податочни сетови.
4. Ивица Милевски: Нè очекуваат сè пожестоки пожари – климатските промени ги зачестуваат природните непогоди
Кога температурата на воздухот е над 35 степени повеќе од 5 дена, без врнежи и сува вегетација, малку треба за да отпочне пожар и тој брзо да се шири. Особено ако ваквата ситуација се искомбинира со топол бран и појава на слаб ветер, вели Ивица Милевски, професор на Институтот по географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
5. [Подкаст] „Digislavia“: Да се бавиш со уметност на Балкан е активизам само по себе
„Digislavia“ е дигитална галерија на која може да се откријат уметници од Балканот, но и пошироко. Основана е од Марко Аврамовски, кој поттикнат од немањето на физички галерии каде младите уметници ќе може да ги изложуваат своите дела, решава да отвори своја дигитална галерија.
Радио МОФ разговараше со Аврамоски за андерграунд балканската култура, уметноста и активизмот, потребата за соработка помеѓу младите уметници и можностите кои ги нуди интернетот.