На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на топ вести од образование, граѓанско општество, политика и животна средина:
Менструацијата е состојба ексклузивна за женскиот пол и за да се надмине стигмата која се влече од трансгенерациската траума, треба да се зборува јавно. Да се признаат потешкотиите и симптомите е првиот чекор што може да го направат девојките и жените, а меѓу тие чекори би можел да биде и девојчињата да не одбиваат да вежбаат на физичко поради циклусот. Физичката активност и исхраната имаат важен удел во справување со промените кои му се случуваат на женското тело. Значајно е да има разбирање и свесност за тие промени и за тоа да се зборува јавно.
Ова беа главните заклучоци од панел-дискусијата„Втор ден ми е“ која се одржа во „Јавна соба“. За време на дискусијата беше поставена изложба со портрети на 13 девојки и жени фотографирани за време на вториот ден од нивниот циклус или во случајно избран друг ден кои го запазуваат нивното расположение.
2.[Видео] Телефонската линија за помош при откажување од цигари ги дава првите позитивни резултати
Македонија е една од водечките држави на луѓе кои што употребуваат тутун. Секој втор Македонец користи цигари додека пак според европскиот просек, 25% од популацијата се пушачи.
Овие податоци биле главна мотивација Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) да отвори телефонска линија за советување, со цел да ги поддржи лицата во процесот на откажување од пушењето.
Линијата е отворена во понеделник и среда од 11 до 13 часот и на неа работат двајца доктори.
[Видео] Телефонската линија за помош при откажување од цигари ги дава првите позитивни резултати
3.Во име на хуманоста, Црвениот крст го одбележа Светскиот ден на волонтерите
Насмеани луѓе, прекрасни улици и зеленила, нацртало дете на работилница на Кампот за лицата од Украина, кој Црвениот крст на Град Скопје го одржува во изминатите три години. Кога младата волонтерката Матеа Тунева го прашала што црта, тоа одговорило „Скопје“.
„Во тој момент – се стаписав, знаејќи дека детето не може во својата земја да ги гледа прекрасните пејзажи, насмеаните луѓе… И јас сум дел од неговиот моментален мир и спокој, а тоа ми направи да се чувствувам прекрасно за работите кои ги правам. Од тој ист камп, донесов и примерок срце сплетено од мајка на едно од децата, во боите на знамето на Украина“, раскажа Тунева на повеќегенерацискиот собир на волонтерите на Црвениот крст кој се одржа по повод 5 декември – Светскиот ден на волонтерството.
Во име на хуманоста, Црвениот крст го одбележа Светскиот ден на волонтерите
4.Новинарската фела прави нов етички Кодекс на новинарите
Дигитализацијата, новите медиумски трендови и растот на вештачката интелигенција се дел од причините зошто новинарската заедница се пушти во процес да прави нов Кодекс на новинари, откако стариот e во сила уште од 2001, поточно од пред 23 години. Оттогаш до денеска не е променет, па е нужно да се размислува за ревидирање на етичките принципи, со што би се зајакнувал кредибилитетот, но и одговорноста на новинарите.
Иницијативата за нов Кодекс доаѓа од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), кое заедно со партнерските организации Македонски институт за медиуми (МИМ) и Совет за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) започнаа низа средби со фелата.
5.Од Министерството за транспорт молк за Предлог-правилникот за вело-инфраструктура
Здружението„Гоу грин“ пред месец дена изработи и јавно презентираше Предлог-правилник за велосипедска инфраструктура и Предлог-измени за Правилникот за урбанистичко планирање, каде би се вметнале прописите за проектирање, изведување и одржување на велосипедската мрежа. Но, од Министерството за транспорт и врски немаше присутни да ги слушнат предлозите, а молкот од таму уште трае.
Од ресорното Министерство една недела не одговараат на прашањата на Радио МОФ за тоа дали ги разгледале предлозите и каков е нивниот став за нивно усвојување. Уште ги немаат контактирано ниту во „Гоу Грин“, ни потврдија вчера оттаму.
Од Министерството за транспорт молк за Предлог-правилникот за вело-инфраструктура