Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

  1. Инста(нт) вести на Радио МОФ 1.7

    Имаме нови Инста(нт) вести на Радио МОФ!

    Во нив ги споделуваме дел од најактуелните вести во земјава, од пандемија и избори со фингерпринт, скрининг во училиштата, па се до вело-турите низ Скопје и женската македонска рап сцена.

    Гледајте Инста(нт) вести на Радио МОФ!

 

2. Земјава без депозитар за одземени ранливи и повредени животни – товарот паѓа врз ЗОО Скопје

Земјава сè уште не располага со ниту еден депозитар за одземени ранливи или повредени видови животни, иако со подзаконски акт во Законот за заштита на природата тие се предвидени. Од оваа причина, надлежните институции најчесто соработуваат со Зоолошката градина во Скопје, која сепак нема услови да ги згрижи сите животни.

Проблемот со немањето вакви депозитари се актуелизираше со случајот со малите лавчиња, па Радио МОФ бараше одговори за тоа каде би се сместиле овие животни, ако бидат откриени на наша територија, односно ранливите или повредени видови животни.

 

3. [Фото] Маски во затворено: За граѓаните задолжителни, за политичарите кога-како

За политичарите во кампањата за локалните избори како да не постои Ковид-19. И покрај тоа што на сила и понатаму се мерките за задолжително носење на заштитна маска во секој вид затворен простор, функционерите и кандидатите за градоначалници изминатиов период се изнасликаа на средби со граѓани или партиски состаноци како грубо ја кршат оваа законска обврска.

Иако највлијателните партии поголемите настани во кампањата генерално ги водеа на отворено, а често и успеваа да ги заобиколуваат законските ограничувања со тоа што дел од средбите со граѓаните ги правеа во угостителски објекти, каде маските не се задолжителни, сепак јавноста на социјалните мрежи може да забележи огромен број прекршувања на ковид-мерките.

 

4. Првиот Инклузивен градски хор ќе покаже дека културата може да го подобри животот

Марио, Стефан, Ена, Матеј, Филип, Илина, Оли, Ники, Бети, Даре и Коста се дел од првиот Инклузивен градски хор, кој утре (22 октомври) во 18:30 часот на Плочник кај Соборен храм ќе го одржи својот прв концерт.

Се работи за хор на „Трисомија 21“, Здружение за поддршка на лица со Даунов синдром, создаден во соработка и менторство на Колективот „Ветерница“.

Билјана Димитрова од „Ветерница“ за Радио МОФ објаснува дека хорот моментално брои 12 членови. Стартувал пред две години, но соработката со „Трисомија 21“ трае веќе четири години, период низ кој е реализирана „Шумска бајка“ – претстава што доби награда за колективна игра.

 

5. „Собирите да не завршат само со слики на Фејсбук“ – младите сакаат да се вклучат во климатска акција

„Како што рече Грета Тунберг, ‘наместо бла, бла, бла, конечно треба да преминеме кон реална акција’. Во однос на амбициите, нашето прво барање е значајно учество на младите во донесување одлуки и дефинирање на целите на секоја земја. Под ‘значајно’ подразбираме крај на собирите кои завршуваат со убави слики на социјалните мрежи. Наместо тоа, сакаме барањата за климатско планирање да бидат вклучени во законите на локално, државно, па и глобално ниво“, рече денеска 19-годишната Ангела Бушеска, говорејќи на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје.

Самитот имаше цел да отвори дијалог меѓу младите и претставниците на националните институции на теми поврзани со климатска акција. На Самитот говореа повеќе функционери и амбасадори, додека Бушеска се вклучи со видео за да ги пренесе пораките на младите од „Youth4Climate“ од Милано, каде таа беше делегат-претставник од Македонија.