На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение.
1. [Галерија] Марш низ Скопје против најавената дигитализација на учебниците
Со заложба за распишување задолжителен референдум против донесување на новиот Закон за учебници, родителите од иницијативата „Учебници и настава мора има“ излегоа на марш низ Скопје и мирни протести низ повеќе градови.
Низ Скопје се маршираше со транспаренти „Законот не ги решава проблемите кои се актуелни во образованието“, „Законот не е во интерес на родителите и наставниците“, „Законот генерира нови проблеми во образованието“, но и „Не за ССО“. Се пееше песната „За сите деца“, а се скандираше и „Оставка. Долу Царовска“.
„Тука сме за да се избориме за правата на децата. Денес родителскиот глас ќе се чуе, ќе се чуе кој стои зад детските права. Нашите деца не се експеримент, политиката настрана од нашите деца, експериментите настрана од нашите деца. Време е за коренити промени во образовниот систем, по мерка на ученикот“, изјави Драгана Спасевска, од координативното тело на иницијативата.
Бројни реакции во јавноста се појавија откако млади луѓе добија термин и вакцина против Ковид-19, додека некои што претходно се вакцинирале и влегуваат во приоритетната група, се уште чекаат на ред.
Меѓу оние млади кои имаа шанса да се вакцинираат е и Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци.
„Кога има проблем мора да се делува, а не да се стои на страна. Проблемот е очигледен: многу луѓе се немаат пријавено за вакцинација, што е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Јас се пријавив уште пред 1-2 месеци на веб порталот. Ме поканија и истрчав да ја примам вакцината“, напиша тој на својот Фејсбук.
Но, Националната стратегија за вакцинација се уште не е дојдена до таа фаза за вакцинирање на младите. Министерот Венко Филипче вели дека ова се случува бидејќи во некои општини или пунктови, поради помал број на пријавени повозрасни граѓани, дел од младите кои веќе се пријавиле, побрзо го добиле нивниот термин.
3.[Видео] На терен со волонтерите на Црвен Крст кои помагаат во вакцинацијата
„Ние младите да им помагаме на постарите, бидејќи тие некогаш се грижеле за нас, сега дојде време ние да се грижиме за нив“, вели волонтерот на Црвен Крст Александар Недев. Него го запознавме во СЦ „Борис Трајковски“ додека со уште 30-тина други волонтери помагаа во ковид вакцинација.
4.Пробиен па вратен „Твитер“ профилот на Владата, објавени твитови за криптовалутата „Dogecoin“
Во средата, официјалниот „Твитер“ профил на Владата беше пробиен, а профилот беше преименуван во „Тесла“ – според името на компанијата за електрични автомобили. Во кусиот рок, објавени беа и неколку твитови за поддршка на криптовалутата „Dogecoin“. Но набрзо потоа, од „Твитер“ профилот на Владата избришани беа и твитовите за криптовалутата „Dogecoin“.
Од Владата за Радио МОФ изјавија дека серија на верификувани „Твитер“ профили биле нападнати од истата „биткоин измама“ кој вчера го нападнал и „Твитер“ профилот на Владата. Оттаму додаваат дека во минатото, преку биткоин измамата, успешно била пробиена заштитата и на официјалниот профил на претседателот Обама, Елон Маск, претседателот Џо Бајден, извршниот директор на Амазон Џеф Безос и други
5.[Интервју] „Man in a Suit“: Правиме музика со емоции, а свирките во живо се како секс
„Man in a Suit“ се млад петчлен музички состав. Изминативе години свиреа во Штип, МКЦ, во паркот во скопско Ченто… За себе велат дека прават меланхолична музика со многу емоции, а вистинска магија и фидбек со публиката очекуваат откако ќе (про)течат свирки по олабавување на пандемијата. Свирките ги доживуваат „како секс“. Четири години по формирањето на бендот, нивниот деби албум „Reveries“ е конечно објавен, спакуван во 10 теми, спремен да понуди „џемови, опасни солажи и по некоја песна“.
Самите така го презентираа на социјалните мрежи. Токму преку Фејсбук слушнав некоја од песните, ми влегоа под кожа, па инстантно му пишав на гитаристот и вокал Дарко Медарски да направиме интервју, да ги запознаам од „прва рака“. Веднаш прифати.
Ја собра бандата и се најдовме во „Макотекс“ во Карпош 4. Ова е простор каде „Man in a Suit“ одржува проби. Голем комплекс, полн со музичка и културна историја. Не мора секогаш да биде „а ние само по гаражи“. Ова е место за вежбање музика без досадни комшии. Свртувалиште за бендови и нивни пријатели.