На крајот на оваа недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1. Државната матура и годинава ќе се полага како лани – ќе има јавна дебата за новиот Концепт
Околу 15 800 средношколци досега се пријавиле за полагање на државната матура. И оваа година ќе се полага како минатата. Тоа значи, матурантите ќе полагаат два екстерни и два интерни предмети, како и една проектна задача.
Според Календарот за организација на учебната 2021-2022 година, на 4 јуни матурантите ќе полагаат тест по мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик и литература), а на 13 јуни е закажан тестот по математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.
2.Цветковски: Дружењето, истражувањето и правењето прототипови игри е бесценето
Македонската асоцијација за развивање игри МАГДА од 26 до 30 јануари го продуцираше 10-иот јубилеен „Global Game Jam Македонија“ (#ggjm). Се работи зa настан за развивање игри наменет за ентузијасти, студенти, средношколци и професионалци од различни сфери што имаат интерес во областа на игри и креирање на игри.
Настанот досега е прилично посетуван. За 10 години на „Global Game Jam Македонија“ се сретнаа повеќе од 2.200 професионални развивачи на игри и ентузијасти, се направија 255 игри и Македонија влезе во топ 5 земји според изработени игри по глава на жител. Бевме и меѓу првите 10 земји според бројот на учесници и сè уште сме една од најактивните и најбројните.
3.На корупцијата во образованието ѝ се долги нозете
Студентите не се свесни за сите облици на корупцијата што се присутни на нивниот факултет. Тие не знаат каде треба да пријават, но и се плашат од одмазда.
Ова според Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се причините поради кои во прашалниците за евалуација кои ги пополнуваат студентите нема ниски оценки за предавањата и професорите. Тие не се ни воопшто прашани дали забележале корупција.
„Јас сум студентка од Правен факултет и ќе се снајдам, ќе го најдам членот во законот, но проблемот е што никаде не пишува кое е лицето со име и презиме каде треба да се обратам“, истакна таа на дискусијата организирана од Државната комисија за спречување корупција.
4. [Фото] Доротеј Нешовски: Секоја работа надвор од уметноста е губење време
Интердисциплинарниот уметник Доротеј Нешовски промовираше своја уметничка книга во КСП Центар-Јадро, каде публиката имаше можност да види и негова просторна инсталација, специјално направена за ова прилика.
„На уметнициите треба да им се овозможат простории за работа да ги задоволат своите внатрешни пориви од ликовното и општествениот јазик, па така и на околината. Потребни се културни политики и стратегии неселективни наменети за младите уметници за почеток на нивните фази во творештво и создавање на тие етаблирани уметници во светската мапа. Имаме подобрувања во нови културни простории и нови географски зони, но хонорарите се на работ на продукциските трошоци“, констатира тој.
5. [Фото] „Застани и пропушти, не убивај“ – одржан протест против сообраќајното насилство
„Застани и пропушти, не убивај“, „Викторија можев да бидам јас или твојата ќерка“, „Сакаме слободно движење на пешачки премин“, „Биди совесен возач“, „Пешачки премин е 0 Зона“…
Ова се дел од пораките на транспарентите кои граѓани ги истакнаа на протестот во скопската општина Карпош кај „Сити Мол“, каде на 20 јануари животот го загуби младата Викторија Николова.
Носејќи црни маици со нејзиниот лик, семејството на Николова, пријателите, локални жители и разни активисти се собраа на раскрсницата на „Партизанска“ барајќи да престане сообраќајното насилство, а властите да преземат сериозни мерки и да се спроведуваат построги казни.
+Бонус
[Галерија] Ретро скопски ноќен живот
Мусандра, „Хард Рок“, „Хавана“, „Малибу“, „Технометал“… Како изгледале билетите за влез во првите дискотеки во Скопје?
Андријана Апостоловска, која работи во Одделот за дигитализација при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, вели дека преку ова истражување, сакале да внесат нешто интересно на веб-страната на дигиталната библиотека, нешто што ќе биде поинтересно и за пошироката публика.