Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. [Интервју] Симона Јованоска: „Стравот е природна човечка емоција којa ме инспирира“

Симона Јованоска
Фотографија: Гоце Лалковски

Овој роман почнува со црв кој излегува од земјата, а завршува којзнае каде. Скроз откачен и динамичен, да не ти го раскажувам – прочитај го, гласи хиперкратката рецензија за својот роман „Денот на црвот“ на авторката Симона Јованоска, која оваа година ја доби наградата „Роман на годината“.

Човек доживува нервен слом во месара. Едноставно пука. Ова е една од случките на неисполнетите ликови во романот, а Јованоска за Радио МОФ вели дека честопати знае да се пошегува дека „нема месо во среќа“.

2. „Државата го загрозува здравјето на најмалку 10.000 маргинализирани граѓани“- реакција за скратениот буџет за превенција на ХИВ

Здруженија реагираат откако Министерството за здравство скрати 40 отсто од средствата предвидени за превенција на ХИВ во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година, која Владата ја усвои пред само еден месец.

Реакцијата доаѓа од Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Тие сметаат дека државата ги става во ризик од згаснување воспоставените капацитети за контрола на ХИВ-инфекцијата во земјава и го загрозува здравјето на најмалку 10.000 граѓани од маргинализираните заедници.

3. Сведоштво од Днипро: „Се плашам, но и сум инспирирана од единството на нашата нација“

Валерииа Малашенко (21)

Валерииа Малашенко има само 21 година, а веќе е дел од разни волонтерски активности за помош на нејзините украински сограѓани кои беа погодени од руската инвазија што започна пред повеќе од две недели.

Таа живее во Днипро, град во централниот дел на Украина. Овде пред само три дена, руски вооружени сили извршија ракетни напади врз станбени области и цивилна инфраструктура, при што беа оштетени станбена зграда, регионалната миграциска служба и зградата на регионалната администрација, а едно лице загина.

„Додека го пишувам овој одговор, мирниот живот овде веќе не е толку мирен“, раскажуваа таа за Радио МОФ.

4. Влада: Лицата со попреченост се ослободени од партиципација за студирање

Архивска илустративна фотографија

Во координација со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Владата донесе Уредба за правата на лицата со попреченост и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање.

„Со оваа Уредба Владата овозможи сите лица со попреченост запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи, да бидат ослободени од партиципација. Оваа Уредба им овозможува на лицата со попреченост да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите други граѓани да бидат вклучени во високообразовните процеси, а за образовните институции е поттик да ги прилагодат условите и програмите за образование за овие наши сограѓани. На тој начин лицата со попреченост развиваат компетенции согласно сопствените преференци и стануваат конкурентни на пазарот на трудот“, соопштуваат од Влада.

5. Утврдена дискриминација кон малата Ембла, школото има 30 денови „поправен“ или ќе оди на суд

Принтскрин од ТВ Клан

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дискриминација од основното училиште „Единство“ од Гостивар, кое изминатиов период влезе во фокусот на јавноста откако група родители преку петиција ја бојкотираа наставата, барајќи нивните деца да не учат заедно со четвртооделенката со Даунов синдром, Ембла Адеми. Школото има 30 денови да постапи по препораките на Антидискриминаторската комисија, во спротивно ќе биде поднесено барање за покренување прекршочна постапка пред суд. 

КСЗД за Радио МОФ информира дека уште на 3 февруари отворило постапка по службена должност, по што се сретнале со в.д директорот на училиштето, наставничките, стручните соработници, образовната асистентка како и родителки на соученици на ученичката.

Исто така, меѓувреме се сретнале и со повеќе различни стручни служби што работат на инклузивните процеси, но направиле и ненајавен увид во школото на Ембла.

БОНУС

Овој викенд Радио МОФ ја објави втората епизода од втората сезона на Инста(нт) вести. Во неа, Филип ги претставува најсвежите вести од активизмот, образованието и културата зачинети со неколку хехенца.