На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1.[Подкаст] Што е муабетот со претседателското суспензивно вето?
„Претседателот Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти“. Оваа вест неодамна одекна во македонските медиуми. Тоа значеше дека Претседателот практично не му даде зелено светло на Законот, кој народски се толкува како Закон за дивоградби.
Искористувајќи го таканареченото суспензивното вето, Претседателот го закочи законот да стапи на сила и го врати во собраниските кулоари на доработка.
Но, што е муабетот со суспензивното вето? Што претставува непотпишувањето на указот за прогласување на законот и каква е процедурата понатаму? Во подкастот на Радио МОФ зборуваме со правникот Вилдан Дрпљанин од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
2.Скопје останува без единствениот колпортер на точак
Раскрсницата кај трговскиот центар „Палома Бјанка“ во центарот на Скопје е местото каде во приквечерието може да наидете на 64-годишниот Благоја. Тој е единствениот продавач на весници на улица, односно колпортер, кој откако ќе продаде неколку примероци тргнува во поход и доставува околу 80-тина примероци на дневниот весник „Нова Македонија“ до нејзините претплатници, во центарот на градот, но и во населбата Карпош.
Велосипедот кој е неговото главно превозно средство најпрво го опремува со околу 100-тина примероци од весникот, кои лично ги подига од канцелариите на медиумот, па потоа ги мести по ред, согласно неговата рута која треба да ја помине вечерта.
3.[Видео] Јасно и гласно: До каде сме со прифаќањето на ЛГБТИ луѓето во нашето општество
Инспирирани од последниот извештај на најголемата ЛГБТИ организацијата ИЛГА – Европа, тема на оваа дискусија „Јасно и гласно“ е (не)прифаќањето на ЛГБТИ луѓето во нашето општество. Кои се проблемите на оваа навистина разнолична група, со какви предизвици се соочуваат, но и колку навистина се почитуваат основните човекови права на луѓето со различна сексуална ориентација или родов идентитет.
Гости во оваа емисија се Елена Петровска од Коалиција Маргини, Зорица Николова, психолог и менаџерка на Сигурната куќа за ЛГБТИ лица и Давид Тасевски, псиголог и извршен директор на Субверзивен фронт.
4.Перформанс ја отслика борбата против насилството кое жените го доживуваат на работа
Неколку актерки со пораки во своите раце застанаа до поранешната Канцеларија на претседателот во Скопје. Станува збор за перформансот „Место за поддршка“, а пораките се всушност извадоци од сведоштва на жени кои биле жртви на насилство на своите работни места.
Авторка на перформансот е режисерката Драгана Гунин, која заедно со помош на истражувачки тим периодов собрале околу 500 сведоштва од жени преку онлајн анкета и интервјуа.
5.Каде е УКИМ во споредба со универзитетите од регионот [Инфографик]
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) на последното рангирање на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) забележа пад од 27 места во споредба со минатата година и се најде на 1.944 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот.
Но, покрај оваа листа, УКИМ е на незавидни позиции и кога ќе се погледнат другите угледни светски рангирања на високообразовните институции.
+ Бонус од изминатава недела:
[Видео] Инста(нт) вести1.2
Радио МОФ ви ја претстави втората епизода на младинските Инста(нт) вести, во кои правиме пресек на случувањата во изминатите две недели.
Во нив имаме две Михаели – Михаела е нашата денешна водителка, но Михаела е и нашата инста(нт) дописничка од градот под Шара, познат по гравот и јаболката. Во ова издание зборуваме за бојкотот на наставата, вакцинациите кај младите и кај владиниот врв, но и (КОНЕЧНО) за намалувањето на полицискиот час! Секако се навраќаме и на бришењето зборови од дигиталниот Толковен речник, а издвојуваме и неколку лабави вести од светот.