На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 10 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1.Младите од регионот побараа поголема вклученост во општеството во полупразна сала на „Преспа Форум Дијалог“
Вклученоста на младите во носењето одлуки, јакнењето на нивната улога, иселувањето, невработеноста, иднината на младите, европското прашање и меѓусебната соработка. Ова беа само некои од темите кои се отворија на панел-дискусијата „Идната генерација на Западниот Балкан“ на дводневниот настан „Преспа Форум Дијалог“, кој се одржа во Охрид.
Во полупразна сала, со оваа панел-дискусијата и се затвори овогодишниот настан. Дел од говорниците забележаа дека политичари кои биле присутни на настанот, на оваа дискусија ги немало, а за време на настанот неколкупати се провлече и поентата дека иако панелот е последен во агендата, не значи дека е помалку важен.
2.Месецот на гордоста ги истакнува победите и препреките на ЛГБТИ+ заедницата во Македонија
Јуни е месец на гордоста и славење на правата на ЛГБТИ+ заедницата, а во земјава овој јуни се случуваат и 10 години од одржувањето на автентичниот квир фестивал „Скопски викенд на гордоста“, како и третиот марш на гордоста – „Skopje Pride“.
Оттука во „Јасно и гласно“ зборуваме за напредокот на правата и препреките со кои сѐ уште се соочуваат лицата на ЛГБТИ+ заедницата во екот на среќниот месец кога низ целиот свет одекнуваат слоганите за споделување љубов, прифаќање и овозможување еднаквост.
3.Новоизбраниот ректор на УГД, Дејан Мираковски: Ќе ја подобруваме хибридната настава
Во изјава за Радио МОФ, Мираковски посочи дека една од првите работи на кои ќе се посвети откако ќе стапи на функцијата е динамизирање на институцијата, односно универзитетот.
„Сакам да пробаме да ги вклучиме максимално ресурсите што ги имаме. Mногу повеќе луѓе да се вклучат, да обезбедиме како старт-ап, првична поддршка, со наши ресурси да се заживее научното истражување, да се заживее на некој начин таа научна мисла, тоа ми е првиот чекор“, рече Мираковски.
4.„Од загадувач до разубавувач“: Концепт за добивање трајни материјали од отпадна хартија
„Од загадувач до разубавувач – концептот на социјалниот претприемач Гоце Стевановски, беше награден на годишниот натпревар „Зелени идеи“ организиран од Здружението за социјални иновации „АРНО“.
Се работи за т.н. „ембрионска идеја“ за собирање на отпадна хартија од големите загадувачи и трансформирање во трајни материјали – плочест материјал за столарија и втор материјал, вештачка кожa.
5.Си беше еднаш на Чудниот Запад
На 31 март оваа година во промет излезе The Weird West, изометриска role play видео игра на Wolf Eye Studios, со приказна сместена некаде на Дивиот Запад.
Што е тоа што не асоцира на Дивиот Запад? За едни тоа е интересниот период на современата американска историја во скротувањето на релативно непознатите територии на денешната западна територија на САД, за други тоа се добро познатите групи на каубојци и индијанци и нивните вечни борби, за трети тоа се вестерн филмовите со Џон Вејн и Клинт Иствуд кои доминираа и кај нас и во светот едно добри 30 години.
6.И неписменоста со родов јаз, образовните пречки и понатаму „Гордиев јазол“
И покрај тоа што неписменоста во земјава е во склад со европскиот просек односно, 1.2 проценти, забележлив е родов јаз, па од регистрираните 18.897 неписмени лица најголемиот број се жени – дури 13.380.
Дополнително, вкупниот број на мажи без образование во државава е 6.988 лица, додека пак без образование има 16.204 жени.
7.[Став] Дали е сè дозволено во војната и љубовта?
Човековата историја е исполнета со војни и вооружени конфликти. Всушност целата човекова историја се изучува низ призма на конфликтите. Низ историјата и историските лекции, ретко може да се видат човековите судбини во целата слика. Денес вооружените судири и конфликти, ги надминуваат конвенционалните војни од минатото.
Медиумите и социјалните мрежи овозможуваат директен пристап, до човековите страдања и судбина. Но во такви ситуации, кој е заштитник на луѓето од страдањето?, пишува Ристо Савески во својата колумна.
8.Врсничката едукација е решение за сајбер насилството
„Речиси 90 отсто од содржината објавена на интернет на европско ниво без дозвола на сопственикот им припаѓа на жените и девојките, а особено младите девојки се најчестите жртви на сајбер насилството“, истакна Катерина Иванова од ХЕРА Млади, една од трите говорници на денешната панел дискусија „Сајбер насилство: Безбедност и самоцензура“ во организација на феминистичката платформа Медуза и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Иванова посочи дека младата генерација многу умешно управува со социјалните мрежи и успева да ги искористи за сопствена едукација и поради тоа, според неа најдобриот начин да се намали и спречи сајбер насилството, а да се големи сајбер безбедноста е да се воведе врсничка едукација.
9.„Пели“ – зелена идеја фокусирана на отпадот од пелени
Подигнување општествена одговорност за почиста животна средина преку блогови и едукативни кампањи. Поттикнување на родителите за примарно селектирање на
отпадот од пелените. Развој на циркуларна економија преку технологија за реупотреба на отпадот и добивање на нов еко продукт.
Ова се трите главни сегменти од „Пели“, една од победничките идеи на натпреварот
„Зелени идеи“ на Здружението за социјални иновации АРНО.
10.„Најважно за една фудбалерка е влог во себе и постојана работа“ – Љуботен стана женски претставник во Европа
Женскиот фудбалски клуб Љуботен од Тетово неодамна, по победата над ЖФК СЦ Истатов од Дојран успеа да се искачи на врвот на Првата женска фудбалска лига по што ја добива честа да ги игра квалификациските натпревари за пласман на европско клупско натпреварување. И воедно да покаже дека фудбалот не е само машки спорт.
Клубот на плавите – псевдоним под кој ги препознаваат љуботенките е спој на младоста и искуството, но она што ја зачини сезоната 2021/2022 со 17 победи и само еден пораз е всушност желбата за упорност и дисциплина на играчите кои се на возраст од 14 до 33 години и каде освен домашни има пет играчи од Србија, Венецуела и Бразил.