Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. [Галерија] „ENGAGE 2022“ – приказни за активизам, одговорност и ангажирање во средината

Домашни и странски говорници и активисти беа дел од годинешниот „ENGAGE 2022“ во Куршумли Ам, каде презентираа лични инспиративни приказни за тоа како алармира за проблеми во животната средина, како е да се известува од војна, како медиумите можат да го променат јавниот наратив за општествени и егзистенцијални проблеми, но и како младите можат да изградат успешен старт ап од своето хоби.

2. [Видео] Јасно и Гласно: Децата отворено се жалат, но колку внимателно ги слушаме?

Неколку инциденти што се случија последниов период, повторно во јавноста го актуелизираа прашањето на проблемот со меѓуврсничкото насилство. Истовремено, според истражувања од невладиниот сектор, учениците ја губат довербата во училишниот психолог. Тоа претставува генерален проблем бидејќи токму училиштето е местото каде основците и средношколците поминуваат најголем дел од денот.

Оттука, во фокусот на оваа епизода на „Јасно и гласно“ е тоа како учениците се справуваат со булингот на училиште и надвор од него, колку тие ја сметаат за достапна можноста за барање помош од училишниот психолог и како да се дестигматизира посетата кај него.

3. Новинарите порачуваат да се исфрли сензационализмот кога се известува за маргинализираните граѓани

фото: Радио МОФ

Приказните за маргинализираните групи како лицата без државјанство, бегалците, мигрантите и барателите на азил не стигнуваат на дневен ред во медиумите, а новинарите кога известуваат за такви теми треба да бидат ослободени од сензационализам. Ова е еден од заклучоците од дебатата насловена „Подигнување на свеста за правата на бегалците, мигрантите, лицата без државјанство и барателите на азил“ која се одржа во склоп на Медиумскиот Фестивал Скопје (МФС).

4. „Некои работи мораат да се променат од корен“, вели Славчо Темелковски, новиот претседател на УСС УКИМ

Славчо Темелковски

Славчо Темелковски, апсолвент на Економскиот факултет беше избран за нов претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ).

Делегатите на УСС УКИМ го избраа на оваа функција со 16 гласа „за“, додека за неговиот противкандидат, Мартин Ивановски, студент од Правниот факултет, гласале 6 делегати.

Според Темелковски, решавањето на проблемите само на „ура”, на долг рок никогаш не може да вроди со плод.

„За да почнат да се решаваат проблемите на студентите, сметам дека мора некои работи да се променат од ‘корен’. Под тоа подразбирам вистинска и реална функционалност на УСС, односно воспоставување на систем кој ќе биде здрав и одржлив на долг рок. Самото УСС има свои комисии, тие комисии имаат свои претседатели и членови, чија должност ќе им биде да работат во различни сфери за доброто на своите колеги. Како претседател моја должност ќе биде да знам дека овие комисии си ја работат својата работа, да ги мотивирам, координирам, да иницирам одредени акции“, вели тој, посочувајќи на изработка на генерална стратегија на долг рок која ќе ја следат сите идни претседатели.

5. Во македонски „sci-fi“ роман целосно генериран од AI, киборзи владеат со Охрид

Фото: Сефиданис

По големата меѓупланетарна војна, човечка колонија на Марс стекна независност од Земјата и веднаш ги прекина сите врски и односи со нивната матична планета. Илјада години подоцна, Охрид добива порака од изгубената колонија, која повикува делегација на самит. Владата на Охрид одлучи да испрати мала група дипломати на оваа колонија со надеж за повторно обединување на човештвото. Во бурна ноќ, бродот што ја превезуваше делегацијата на Марс е уништен од серија експлозии. Дипломатите пристигнаа на местото на настанот и ги пронајдоја телата на делегацијата на Марс. Немаа поим што можеше да им се случи, но немаа друг избор освен да се пријават во владата на Охрид.

БОНУС:

[ЕКСКЛУЗИВНО] „Електричен тротинет за секој студент“ – конкурс за медиумски предизвик од Радио МОФ

Радио МОФ распиша отворен повик за медиумски предизвик, а темата е инспирирана од вториот подкаст во серијалот „YouThink“, каде зборуваме за сензационализмот, односно тактиките за привлекување на вниманието на публиката, преку кои медиумите се обидуваат да стигнат до повеќе читатели, гледачи или слушатели, што на нив им носи повеќе пари и повеќе влијание.

На отворениот повик, свое решение може да поднесат сите млади лица на возраст од 15 до 29 години. Решенијата треба да бидат напишани на македонски јазик, а максималната должина е две страници во „Word“. Крајниот рок за поднесување на решенијата е 28 септември, а делата пратете ги на info@radiomof.mk, со назнака „За конкурсот на Радио МОФ“. Пристигнатите есеи ќе бидат оценувани од жири комисија, а победничкото решение ќе биде наградено со ваучер од 100 долари за електронска опрема.