На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1.Пандемијата ги откри недостатоците на системот и ги маргинализираше лицата со попреченост
Пандемијата со КОВИД-19 ги исфрли недостатоците на системот на површина и ја влоши маргинализираната позиција на лицата со попреченост, имајќи ефект врз нивните здравствени и социјални услуги, образование и работа. Речиси третина (29,4 %) имале тешкотии на работното место, како откази, намалена плата и отсуство, додека дури 76% од испитаните им се зголемиле трошоците, особено за хигиенски средства и лекови.
Анализата што ја правеше Хелсиншки комитет за човекови права со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД), покажа дека државата не ги испочитувала обврските што произлегуваат од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Особено обврските за нивно активно вклучување во процесите за донесување на одлуки.
2.[Подкаст] Мегафон: За младинските политики
Четиринаесет младински работници за првпат следеа четиримесечна обука за да добијат сертификат за занимање – Работник со млади. Иако срамежливо, општините почнаа да размислуваат за основање младински центри на нивната територија, но и да ги менуваат статутите за да формираат совети на млади.
Институциите пак, иако со задоцнување од половина година ја објавија листата со младински службеници. Законот за младинско учество и младински политики, познат во јавноста како Закон за млади, една и пол година од неговото донесување, полека почнува да ја здогледува светлината на денот.
3.Идеја за иновативна автоперална избрана за најдобар младински бизнис план
Иновативна автоперална која ќе понуди преку мобилна апликација да се направи нарачка за чистење на автомобил, кој вработените ќе го преземат и по чистењето ќе го вратат назад. Ова е идејата за иновативната автоперална на младите Ангел Карали и Бојан Спасеновски, обединети под името „Anboy“, која го освои првото место на натпреварот за најдобар младински бизнис план „YES TEAM FOR THE WIN“ во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ).
Дополнително, на настанот каде беа наградени три од пет бизнис планови, беше истакнато дека иновативната автоперална би им нудела на корисниците тие да можат да го следат овој процес преку камери во живо, но и преку ГПС локација.
4.Како до поголем граѓански придонес во развојот на општините
Што и до каде треба да прават граѓаните како обврска и иницијатива, а колку е одговорна и на кој начин придонесува локалната самоуправа, се дел од прашањата што вчера беа отворени на јавната трибина „Прашањето на граѓански придонес во развојот на општините“, одржана во Кинотека на Македонија.
„Интересна работа, кога сме се координирале со општините, доаѓа општината да ни помогне нам да исчистиме. И, нашиот алат е во многу подобра состојба, па позајмуваат од алатот. Па, во неколку наврати ми се случило некој да пратам да оди да докупи вреќи, бидејќи општината доаѓа да помогне, а не доаѓа подготвена. ‘Не биди ѓубре’ кај мене во центар ги спонзорира метлачите со ракавици и некои ситни работи, затоа што ми е жал, гледам дека одвреме-навреме со голи раце ставаат во корпите за ѓубре, што е огромен ризик. Тоа се детали што зборуваат“, посочи актерката и активистка Ирена Ристиќ.
Според неа, треба да се воведува еколошко образование од најмали нозе, од градинка, а не само еднодневни кампањи од типот на Денот на планетата земја. Исто така, да се подобри управувањето на општините, да се воведе Закон за комунална полиција, а казните да се зголемат.
5.ФСС ФИНКИ бара студентски медиум за да се зголеми комуникацијата и информирањето на студентите
Студенти од Факултетското студентско собрание (ФСС) ФИНКИ потегнуваат идеја за формирање студентски медиум, со цел да се зголеми меѓусебната комуникација и информирање на овој факултет.
Иницијативата стартуваше од ФСС, со дискусии за да се сплотат студентите околу идејата, а потоа и преку предметот „Медиуми и комуникација“.
„На овој предмет имаме стандарден проект кој се изработува секоја година, па дел студенти решивме всушност тоа да биде нашиот проект, со тоа што ќе го обработиме подетелно – да увидиме колкава е потребата за студентски медиум“, вели за Радио МОФ студентот Стефан Ефремов, член на ФСС ФИНКИ и координатор на иницијативата.