Што пропушти на Радио МОФ?  

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение

1.На регионот не му се сите овци на број

Радио МОФ објави истражување за регионот Шара – Кораб – Коритник, кој е примамлива атракција за авантуристи и туристи. Луѓе доаѓаат, дишат чист воздух, пробуваат локално сирење. Некои се дојдени за да планинарат, други за да направат фотки за Фејсбук, трети сакаат да јаваат коњи од бачилата. Потоа сите си одат дома, а горе во височините остануваат сточарите. На сонце, ветер и студ. Често без мрежа и без интернет.

Соочени се со разни проблеми, ценовни шокови, намален фонд на овци и млади овчари што им бегаат во странство, па и традицијата е ставена под знак прашалник. Затоа бараат одржливи модели за спас на овчарството, пренос на знаењa и користење на бенефитите од еколошкиот туризам.

2.[Галерија] Приватните превозници во протест ги паркираа автобусите на „Илинденска“

Приватните автобуски превозници од 6 часот во петокот ги паркираа своите автобуси на булеварот „Илинденска“ со барање да им се исплати долгот што, како што тврдат, кон нив го има Град Скопје. Блокирањето на сообраќајот се одвива само на десните ленти на булеварот од семафорите после Владата до салонот „МИ-ДА“.

Приватните превозници веќе повеќе од една недела одбиваат да возат во јавниот градски превоз во Скопје и бараат средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Во меѓувреме, градските власти ги отфрлуваат наводите дека им должат пари на приватните превозници.

3.Снежана на крајот умира – комичниот пркос на слободата

Нашата новинарка Ивана Смилевска пишуваше рецензија за македонскиот филм „Снежана на крајот умира“:

Вчера го фатив „последниот воз“ ја изгледав последната од серијалот проекции на „Снежана на крајот умира“ во Кинотека.  Не отидов со очекувања и се изненадив.

Ова не е уште еден филм за скопските трауми од деведесетти. Тие се секако присутни, но овојпат во фокусот младината една генерација помлада од онаа транзициската. Генерација израсната во старите болки и на прагот на новиот милениум.

„Снежана на крајот умира“ носи свежина во веќе излитената тема зашто овојпат во фокус е добрината и емпатијата. Чисто колку да нѐ потсети дека постојат.

4.Јавниот превоз сè уште луксуз за студентите на приватните универзитети во Скопје

Студентите во земјава се еднакви кога треба да аплицираат за субвенциониран и стипендија или за место во студентските домови. Сепак, оние кои студираат на приватните универзитети не може бесплатно да се возат во градски автобус како нивните колеги од државните универзитети.

Вака Мила Петрушевска, претседателката на првото студентско собрание при Американскиот универзитет на Европа – ФОН, го опишува статусот што долго време го имаат студентите на приватните универзитети во главниот град.

5.Трансхуманизам : Дали си ти навистина ти

Нов текст во рубриката #Поларис имаше нашиот надворешен соработник Марјан Болтевски:

Замислете свет каде луѓето можат брзо да процесираат ситуации со брзо изнаодливи решенија, надминувајќи го обичниот човечки капацитет со кој моментално располагаме. Ова е потенцијален свет за кој веруваме дека ако не се оствари за 30 години, тогаш би бил реалност за 100 или повеќе години, и како и секој друг свет за кој фантазираме за негова реализација така и за овој влегуваме со оптимизам. Но, како и се друго, тоа клучно „но“ секогаш се појавува на крајот на тунелот.

6.Активисти и жители на Аеродром со протест побараа „Васко Карангелески“ да не стане смртоносен булевар  

Покрај улицата „Васко Карангелески“ во општината Аеродром се одржа нов протест. Активисти и локални граѓани побараа еколошко, одржливо и безбедно решение на улицата, а не таа да стане булевар со четири ленти, веднаш до училиште. Дополнително се револтирани од уништувањето на дрвјата и зеленилото на овој потег во Аеродром.

7.Сексуалното вознемирување „вечен студент“ на УКИМ

Оваа недела, студенти и истражувачи објавија „Истражување за перцепции и искуства со сексуално вознемирување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје“, кое опфати 347 студенти од прв циклус студии на Универзитетот, како и професори.

Истражувањето покажа дека 91 студент бил мета на недолични коментари од професори како „маче“, „злато“, „кукле“, но покажува и нешто попроблематично.

Речиси деведесет отсто од студентите не знаат каде да пријават сексуално вознемирување, а повеќе од половина испитаници одговориле дека УКИМ „не ги штити“ и „воопшто не ги штити“ студентите од сексуално вознемирување.

8.Има (ли) надеж за активизмот

Дали активизмот го изгуби својот замав? Има ли надеж за активизмот? Дали креативите и герилите се новиот пристап? Дали активизмот од Скопје се сели во внатрешноста? Зошто некои иницијативи се поуспешни од други?

Многу прашања и различни ставови за граѓанскиот активизам во Македонија се отворија и кажаа на вчерашната трибина во Центар-Јадро. Организатор беше Центарот за современи уметности, чиј претставник Никола Писарев посочи дека во последните неколку месеци поминале повеќе дебати, градови, ги слушале луѓето – колку и дали е потребен граѓански ангажман и различно ниво на делување. Од локални иницијативи, грас-рут организации, па се’ до повисок политички активизам ориентиран на институционални промени

9.Скратените средства им ги врзуваат рацете на лекарите да спречат раст на ХИВ случаи во земјава

Бројот на лица со дијагностицирана ХИВ инфекција во 2021 година бил два пати поголем отколку бројот на случаи во 2020 година, покажува извештајот за состојбата со ХИВ од Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија. Во 2021, годината кога бројот на случаи од 2020 година од 29 се искачи на 42, Министерството за здравство скрати 40 отсто од средствата предвидени за превенција на ХИВ во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година.

Според директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, разликата меѓу бројот на ново дијагностицирани во последните две години не значи раст туку враќање на годишниот просек од 50 нови случаи.

10.Пехчевски: Топланите да продолжат да работат на гас за да се ублажи состојбата со аерозагадувањето

Единственото нешто што може да се направи оваа зима за да се ублажи состојбата со аерозагадувањето е топланите во Скопје да продолжат да работат на гас, смета Давор Пехчевски, програмски координатор на Еко-Свест и експерт за квалитет на воздух.

Истовремено, тој објаснува дека за ублажување на состојбата со аерозагадувањето во останатите градови моментално е веќе многу потешко за да се преземат мерки, бидејќи, како што вели, луѓето веќе се имаат снабдено со тоа што сакаат да го користат за загревање

+Бонус:
#РаскажиМи: Извадок од научнофантастичниот роман „Анатрос“ од Хари Кацановски

Овој пат во рубриката #РаскажиМи читавме извадок од научнофантастичниот роман „Анатрос“ од Хари Кацановски. Во овој роман се преплетуваат повеќе различни пристапи и понирања во други раскажувачки формати.

Психологијата на ликовите, траумите од растењето, релациите со другите… во книжевното писмо на Кацановски се поставени како наджанровска база, како суштина на постоењето сега, порано или подоцна. Компјутерските игри во иднината можеби ќе имаат влез за стварноста во нив, но она што нема да се промени е човековиот стремеж за излез од болката, страдањето и осаменоста.

+Бонус:
#НизТвојотОбјектив – „Пони“ од Петар Чаушевски

Изборот за рубриката #НизТвојотОбјектив беше фотографијата „Пони“ од Петар Чаушевски.

„Додека се движам низ различни места и улици, вниманието ми го привлекуваат ситните детали. Хаотичниот сообраќај, бучавата и обврските нè тераат да брзаме, а кадарот со потпреното „Пони“  пред влезната врата со „англе“ за миг даваат чувство на спокојност“, вели авторот за својата фотографија.