На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
-
Се распаѓаат читалните во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, студентите учат во супстандардни услови
-
Студентот Арбен Мемети го дочека поплава во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Веќе трета година е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а од самиот почеток на студиите редовно ја посетува читалната, бидејќи како што вели, многу му е полесно да учи во ваква установа, отколку дома. Но, зградата е во очајна остојба, вели тој, а дождот само дополнително ги извади проблемите на овој важен простор за студентите.
-
[Подкаст] Мегафон: „Лице в лице” со Валентин, детето фантом
Деветнаесетгодишниот Валентин Ракип го најдовме во неговата позната средина – просториите на списанието „Лице в лице“. Носеше маска со симболите на фудбалскиот клуб „Милан“ и весело раскажуваше кои се неговите омилени активности.
„Многу сакам да одам во извидници и повеќе со работа сум и во меѓувреме кога има некоја друга работа и друга работа работам. Сакам да спортувам, да возам на пример точак или ролерки, такви ствари сакам“, вели тој.
Но, јавноста го знае Валентин по неговата несреќна животна приказна. Тој е едно од седумстотини лица во државата кои немаат лична документација, пречка која влијае Валентин да не ги ужива истите привилегии како неговите врсници. Во време на пандемија нема матичен лекар, не може да продолжи со средно образование и не може да патува.
-
[Интервју] Никола Нешкоски: Целта е да имаме структуирано образование за велосипедизам во училиштата
Здружението на граѓани „Еко Логик“, преку програмата „Вело училишта“, изминативе години се обидува да го зголеми и унапреди знаењето на темите велосипедизам, одржлив транспорт и безбедност во сообраќајот кај децата, родителите, наставниците и пошироката јавност во Македонија. Оттука, претседателот на Здружението, Никола Нешкоски, во интервју за Радио МОФ зборува за тоа како велосипедизмот повеќе да влезе во училиштата, што е потребно да овозможат образовните установи и институциите за ваквата едукација, но дава и поширока слика за политиките за генерален развој на велосипедизмот.
4. МОН задоволни, учениците пресреќни што конечно заврши хибридната учебна година
10 јуни, последниот ден од учебната година, постарите генерации го паметат по некои непишани традиции, како прскање со вода во училишните дворови и населбите, ослободување од товарот на учебниците и општонародна интергенерациска веселба. Оваа учебна година, беше поинаква од останатите. Започна на 1 октомври, а бројот на наставни денови беше намален од 180 на 159. Наставата се одржуваше хибридно поради пандемијата, дел од учениците одеа на настава, но поголемиот дел од нив наставата ја проследија онлајн, на далечина.
Токму на 10 јуни, Радио МОФ одлучи да направи Инстаграм анкета, ги прашавме учениците како би ја оцениле учебната година, што издвојуваат како најдобро, а што како најлошо од учебните денови и како сакаат да ја следат наредната година од образованието – онлајн или во живо?
5. Милиони луѓе во Кина онлајн следат залутано стадо на слонови
Десетици дронови следат едно залутано стадо на слонови 24 часа, секој ден. Каде и да одат, стадото е придружувано од полицијата. А кога стадото слонови јадат и спијат, нив преку стриминг во живо ги гледаат милиони луѓе онлајн, пренесува „СиЕнЕн“.
Повеќе од една недела, Кина е обземена од нова интернет сензација – стадо од 15 слона кои се големи, изгубени и ненамерно рушат сè пред себе движејќи се во југозападниот дел од Кина.
Милиони лица се приклучуваат на стримингот во живо и го гледаат стадото кое поминало над 500 километри низ земјата, откако минатата година избегале од природен резерват во јужниот дел на Кина.