На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
„Културата и дружењето се најважни за алтернативната сцена“ – Култура Бета наполни три години
Младинското здружение за креативно изразување „Култура Бета“ го прослави својот трет роденден. По три години од формирањето на нивната онлајн платформа за културно изразување, бетаџии организираа настан во живо. Програмата со книжевна дружба, поетско читање и на крајот свирка што се случија во кафе-книжарницата „Буква“ зближи разни генерации творци, дејци и поддржувачи на културната сцена меѓу кои доминантно присуство имаа младите.
Зад платформата стојат млади луѓе кои другаруваат меѓусебно или се запознале низ процесот на градење на здружението што денес поврзува луѓе со слични интереси од целата држава и од речиси сите области на културата.
„Културата и дружењето се најважни за алтернативната сцена“ – Култура Бета наполни три години
2. [Подкаст] Мегафон: Млади се вмрежуваат за еднаквост
Активисти од цела држава кои работат на родова еднаквост, ЛГБТИ+ еднаквост и меѓуетнички соживот се здружија во Младинска мрежа за еднаквост, која периодов беше лансирана во склоп на петтиот роденден на Здружението за едукативен развој, Еквалис.
Како оперативно дело на организацијата, мисијата на Мрежата е да ги вклучи младите од маргинални идентитети во процесите на донесување одлуки, да ги елиминира стигмите, предрасудите и стереотипите преку безбеден простор, активизам, лобирање и локална волонтерска работа.
Во нашиот подкаст #Мегафон, средношколката Софија Матовска објаснува зошто една од нивните први цели им е да ги мобилизираат младите за ангажман во општествено корисни движења.
3. Слушнете ја радиодрамата „Фигаро се разведува“ на студентите на ФДУ во Радио МОФ
Студенти од Факултетот за драмска уметност (ФДУ) во просториите на Радио МОФ ја изведоа и снимија радиодрамата „Фигаро се разведува“, испит по предметот Техника на глас кај вонредниот професор Никола Настоски.
Гласовите се на: Гоце Андонов, Кире Ацевски, Михаил Велков, Ана Грамосли, Наде Дојкоска, Ана Јовановска, Филип Христовски, Виктор Мирчески, Катерина Јовановиќ, Ведран Чешарек.
4. [Галерија] „Нема да молчиме!“ – Новинарите го искажаа револтот пред институциите
„Ако ја ограничите нашата слобода, ја загрозувате вашата“, „Не се извинуваме за незгодни прашања“, „Стоп за агресивниот државен ПР“, „Нема да молчиме“ и „Политички партии, рацете подалеку од новинарите“. Ова беа само дел од пораките кои новинарите ги испратија на протестниот марш во петокот, кој започна пред Владата, а заврши пред Собранието.
Под паролата „Марш за одбрана на новинарското достоинство“ стотина новинари и медиумски работници пред овие две институции го изразија својот револт од лошите услови во кои работат, нападите, притисоците и заканите, како и потценувачкиот однос кон новинарите од страна на Владата.
[Галерија] „Нема да молчиме!“ – Новинарите го искажаа револтот пред институциите
5. [Фото] „МВР викни ми такси“ – десетици граѓани на протест побараа заштита на жртвите од родово базирано насилство
Со транспаренти на кои пишуваше „МВР викни ми такси“, „Дали си го барам МВР?“, „Престанете да не малтретирате“, а под мотото „Не сме безбедни“, активистки и граѓани во петокот се собраа пред Министерството за внатрешни работи (МВР), барајќи санкции за нестручните полициски службеници кои ги изложуваат жртвите на родово базирано насилство на дополнително вознемирување, но и обучени полициски службеници кои ќе си ја вршат работата за која се платени.
На протестот, организиран од феминистичката платформа „Медуза“, а поддржан и од активисти, активистки, граѓанки и граѓани, феминистки и феминисти, девојки и жени, се собраа десетици лица.