Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Клаус Даман: Почнавме да соработуваме со јутјубери бидејќи тргна наопаку инфлуенсерската сцена

„Почнавме да експериментираме во доменот на медиумската и информациска писменост. Пример, почнавме да соработуваме со јутјубери, со инфлуенсери, бидејќи увидовме дека нешто навистина тргна наопаку со таа сцена на инфлуенсерите. Инфлуенсерите беа во ‘војна’ и се напаѓаа меѓусебно, тие креираа содржини со говор на омраза и булинг. Во суштина, дистрибуираа култура за ширење лоши навики и никој, освен деца од 8 до 15 години, не ни знаеја за тоа. Бидејќи возрасните недоволно внимаваа што гледаат нивните деца. Затоа земавме група инфлуенсери и ги прашавме дали сакаат да направат етички кодекс, свој манифест? Но, тие сакаа рап песна за клик-бејт, направија и (интернет) драма. Овие продукти имаа над 4 милиони прегледи на ‘Јутјуб’ и поттикнаа големи реакции. Повлекоа огромна дискусија што беше појдовната точка каде ја покренавме свеста (за прашањата со говор на омраза, насилство, булинг н.з.)“.

Клаус Даман, програмски директор за Западен Балкан на Дојче Веле, чии програми се фокусираат на медиумска и информациска писменост во повеќе од 30 земји, посочува дека е важно да има заемно разбирање меѓу помладите и постарите генерации. Притоа, да се создаде генерациски пренос на знаења и вештини.

Тој на меѓународниот симпозиум „Да си го вратиме назад просторот за дигитални информации“, организиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС, напомена дека јутјуберите, инстаграмџиите, влогерите не треба да ги гледаме како дел од проблемот, туку како дел од решението.

Клаус Даман: Почнавме да соработуваме со јутјубери бидејќи тргна наопаку инфлуенсерската сцена

2. Помеѓу јавна одговорност и „брза“ слава – има ли граница која инфлуенсерите не смеат да ја поминат?

Последните денови, јавноста е разбранувана по објавениот подкаст од инфлуенсерот и влогер Стефан Лазаров, со Драган Павловиќ – Латас. Во подкастот на Лазаров, во сегментот „прво сексуално искуство“, Латас зборува за „сиротиња, распарталена во фиќо“, додека водителот се смее.

Реакции за видеото објавија повеќе здруженија, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, од каде истакнаа дека интервјуто е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство.

Влогерите, инфлуенсерите, водителите на видео подкасти и влогови на Јутјуб, јавните личности на Инстаграм, ТикТок и Фејсбук веќе неколку години активно создаваат онлајн содржина на македонски јазик. Содржината најмногу е фокусирана на поп-култура и маркетинг, спорт, интервјуа со познати личности, споделувања на „табу“ искуства, скриени камери, драми меѓу самите инфлуенсери, но и кампањи за подигнување на јавната свест за менталното здравје, врсничкото насилство, родово базираното насилство.

Голем дел од содржината, иако не е наменета за малолетни, ја гледаат токму младите. Впрочем, ако се разгледа возраста на инфлуенсерите, многу од нив и самите се млади луѓе. Во голем дел од своите содржини, тие посочуваат дека нивната содржина е од забавен карактер, нешто што го прават самите, поради, како што велат, недостатокот на поп-култура и шоу-биз во стандардните медиуми.

Помеѓу јавна одговорност и „брза“ слава – има ли граница која инфлуенсерите не смеат да ја поминат?

3. [Подкаст] Срна Мајсторовиќ: 70 години извидничко движење во Македонија

„Преку патролниот систем работиме на тимските вредности и на тимскиот дух. Исто така има многу важен елемент, кој ми е можеби најомилен од извидничкиот метод, а тоа е учење од грешките. Односно, учење преку работа. Во самото формално образование, пример, учиме математика додека да добиеме оценка, па престануваме да учиме математика. Толку. Или одиме на факултет, поминуваме четири години, добиваме диплома и завршува нашиот пат. Завршува едукацијата. Но, тоа што е убаво во извидништвото е што нема вреднување на волонтерите. Односно, младите не добиваат награда ако научат да го прават логорскиот оган. Одлично е огништето, меѓутоа можеш ли подобро да го направиш? Како поголемо да го направиш, поефективно? За децата е важно да се всади дека во ред е да учат од грешките, но и да сфатат дека никогаш нема да стигнат до максимален степен. Секогаш треба да се надоградуваат. Да не се демотивираат на грешка, туку охрабруваат да најдат правилен начин“.

Вака Срна Мајсторовиќ ги објаснува дел од вредностите и елементите на извидништвото. Мајсторовиќ е Комесар за програма во Сојузот на извидниците на Македонија (СИМ), кој моментално го одбележува февруари, месец кога е роден основачот на извидништвото Лорд Роберт Баден – Пауел.

По повод неговиот роденден, СИМ и извидничките одреди членки спроведуваат кампања „Направи добро дело“, преку која ги идентификуваат потребите на локалната заедница и придонесуваат за нејзино подобрување. Дополнително, организираат и крводарителски акции ширум Македонија, како и еколошки акции за заштита на животната средина.

Исто така, Сојузот годинава одбележува 70 години од своето основање, што значи седум децении извидничко движење во Македонија.

[Подкаст] Срна Мајсторовиќ: 70 години извидничко движење во Македонија

4. [Галерија] Украинската заедница во Скопје одбележа една година од руската инвазија

Точно една година од почетокот на руската инвазија врз Украина, заедницата на Украинци во Македонија во петокот одржа собир во центарот на Скопје за да го одбележи 24 февруари. Во организација на здружението „Лесја Украинка“, десетици граѓани со украински знамиња и транспаренти од плоштадот каде што првично се собраа, а каде се пушташе украинска музика, се упатија кон споменикот на познатиот украински писател Тарас Шевченко, каде положија цвеќиња и запалија свеќи.

[Галерија] Украинската заедница во Скопје одбележа една година од руската инвазија

5. Кои професии беа најмногу и најмалку платени во 2022 [Инфографик]

Компјутерските програмери, пилотите, дизајнерите и фармацевтите имаа највисоки, а чуварите и чистачите најниски плати во С. Македонија изминатата 2022 година покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Просечната плата во декември минатата година изнесувала 34.364 денари, додека просекот за цела 2022 година изнесувал 31.859 денари.

Во споредба со 2021 година лани просечната плата пораснала за речиси 11%.

Направивме листа од десетте најмногу и најмалку платените дејности во кои работат македонските граѓани според последните достапни податоци.

Кои професии беа најмногу и најмалку платени во 2022 [Инфографик]

БОНУС:

#РаскажиМи: „Дупката“ од Алена

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Дупката“ напишан под псевдонимот „Алена“. Расказот е објавен во 2007 година, во рамки на збирката „Електролит“.

#Поларис: Зандани, змејови и скандали

На почетокот, ти и твојата група на авантуристи, потенцијални херои, се спуштивте во канализацијата на градот Дандавал, во обид да ја откриете мистеријата на исчезнувањето на група работници кои правеле рутински проверки во канализацискиот систем.

На стартот делувате малку поопуштено, досега не сте наишле на некаков проблем. Потоа, господарот на занданата ја опишува вашата прва препрека: пред вас се собира една поголема група на стаорци. Бројот на стаорците постојано се зголемува, до толку што се спојуваат и набираат и создаваат една огромна чудовишна маса. Бидејќи твојот лик, полу човек-полу орк е силата на групата, вообичаено е да излезеш на мегдан со оваа маса.

#НизТвојотОбјектив – „Поезија што талка“ од Дejвид Величковски

Во рубриката #НизТвојотОбјектив оваа недела ви претставуваме фотографии од Дejвид Величковски.

„Светот го гледам како една голема поезија изразена преку фотографии. Секоја слика има причина ако ја работиш со љубов, исто како поезијата. Твориш и сликаш места што ти доаѓаат, додека пешачиш низ природата, шумите, ливадите. На тој начин искочија и овие слики кои што имаат посебно место во моето срце“, вели тој.