На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1.[Видео] „Рето Надеж“ – Преку поправка на стар мебел до излез од зависноста
Гоце Мукевски и Благојче Пишмановски се дел од осумте волонтери кои живеат и работат во „Рето Надеж“, социјално претпријатие за рециклирање на стар мебел. Како поранешни зависници од дрога тие зборуваат за нивното искуство во „Рето“ кое служи и како центар за рехабилитација и ресоцијализација.
Мукевски и Пишмановски заедно со другите волонтери и штитеници деновите ги минуваат во поправка и репарирање на стар мебел и бела техника, а нивните производи се нудат и во продавницата во скопското село Батинци.
2.[Фото] Средношколци со протест пред МОН побараа кратење на материјалот за матура
„Колку настава, толку матура“, „Тест, а не стрес“, „Бидете во чекор со генерацијата“, со вакви и слични транспаренти, десетици средношколци протестираа пред Министерството за образование и наука (МОН), барајќи кратење на материјалот за матура.
На протестот кој го организираше Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), се приклучија и студенти, откако претходно неформалната организација „Студентски отпор“ го поддржа протестот, но истакна и свои барања, поврзани со мерката за студентски оброк, условите на факултетите и студентските домови.
3.„Направи повеќе“: Помагањето како начин на размислување и делување е најубавиот начин на живот
Андриана Илиевска, Марко Андонов-Ацев и Александра Манолчева се тим од тројца млади луѓе кои прават повеќе. Тие се основачите на истоимената платформа (Направи повеќе/ Do more), преку која сите можат да донираат финансиски средства за социјално загрозени фамилии и поединци.
Идејата за domoremk.com – платформата за е-донација на храна и санитарни производи започнала да се реализира на 2 септември 2022 година, а веќе кон крајот на годината платформата била отворена за донации.
4.Бесплатен јавен превоз за сите средношколци бара Сојузот на средношколци
Сојузот на средношколци (ССРСМ) до Собранието достави предлог-измени на Законот за средно образование, со кои се бара бесплатен јавен превоз и за учениците од приватните училишта, тие кои живеат на помало растојание од 2.5 километри од училиштата, учениците со попреченост и учениците кои посетуваат феријална пракса. Тие очекуваат измените да се донесат по кратка постапка, со поддршка од сите пратеници.
Доколку предлог-законот не се донесе во рок од најмногу 2 месеци, Сојузот најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за да се оцени уставноста на сегашните одредби
5.#НизТвојотОбјектив – „Кралот Алкохол“ од Соња Ставрова
Во рубриката #НизТвојотОбјектив го претставивме серијалот фотографии „Кралот Алкохол“ од уметницата Соња Ставрова.
Се работи за фото-документарен проект кој вклучува визуелна изложба на фотографии посветени на традиционалниот кафеански живот во Тиквешкиот регион, со фокус на градот Кавадарци.
6.[Видео] Украински бегалци учат македонски јазик во Скопје
Ивана Предеина е дел од десетиците украински бегалци кои учат македонски јазик. Поделени во неколку групи, Украинците двапати неделно, онлајн, но и во живо следат курс по македонски јазик во Црвениот крст во Скопје.
За тоа колку се слични двата јазици, но и како го доживуваат Скопје и Македонија, повеќе во видеото на Радио МОФ.
7.#ПетАлбумиЗаПоДома на Мартин Анастасовски
Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома го имавме Мартин Анастасовски, кој авторира, преведува и само-издава литературни содржини и разговори. Учесник е во еколошки иницијативи и активен член на организацијата Културно Ехо.
8.Сензорни соби и стипендии на деца со атипичен развој, но што по завршувањето на проектите?
474 деца со атипичен развој од 62 општини биле месечно стипендирани да посетуваат настава на македонски, албански и турски јазик во 187 основни училишта. Од нив 365 се во редовно училиште, 73 во основни училишта – ресурсни центри, и 36 деца во центри за поддршка во редовните училишта.
За таа цел во 43 редовни училишта се подобрени условите за инклузивно образование со отворање на сензорни соби, катчиња, пристапен тоалет и инклузивни игралишта.
Проектот завршува во август, а „Чекор по чекор“ сака инклузивниот процес да продолжи и понатаму.
9.Студентскиот оброк да биде 140 денари од април, стои во новиот предлог-закон
Субвенционираниот студентски оброк од април оваа година да изнесува 140, наместо досегашните 120 денари и да се исплаќа како до сега сè до крајот на академската година.
Ова е новото предлог-решение кое произлезе од средбата меѓу претставниците од сите универзитетски собранија и претставници од Министерството за образование и наука, потврди за Радио МОФ претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Славчо Темелковски.
10.#Поларис: Паралелниот човек, најлошиот адвокат и синиот археолог
Нашиот надворешен соработник Марјан Болтевски имаше нов текст во рубриката #Поларис:
Што е научно фантастична антологија? Наједноставно, тоа е збирка на кратки содржини во едно сеопфатно дело. Така, на пример, во локалната библиотека имав прилика да се запознаам со доста книги кои содржат кратки научно фантастични раскази собрани од главниот и одговорен уредник на книгата која ги има конкретните раскази. Како уредници досега се појавиле имињата на сите сај фај писатели на кои ќе ви текне – од Исак Асимов и Роберт Хајнлајн, до Џорџ Мартин и Урсула Ле Гвин. Овој формат во областа на научно фантастичната литература има многу долга традиција, па антолошкиот формат се проширил и во ТВ медиумот, со фамозната и неповторлива Зона на самракот (The Twilight Zone).