Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Младинските работници и официјално ќе можат да се стекнат со звање – се отвораат магистерски студии на УКИМ

Од новата студиска 2023/2024 година за првпат во Македонија се отвораат магистерски студии за младинска работа. Со програмата која ќе се спроведува на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), студентите ќе можат да се стекнат со звањето магистер по младинска работа.

Програмата ќе опфати 4 задолжителни и 8 изборни предмети. Некои од предметите се однесуваат на менаџирање во младинската работа, методологија или начини на изработка на проекти и истражувања, ментално здравје на деца и млади, детски права и застапување, социјална заштита, зајакнување на младите, психосоцијална поддршка и слично.

Младинските работници и официјално ќе можат да се стекнат со звање – се отвораат магистерски студии на УКИМ

2. Двајца измамени на лажната веб-страница која наликуваше на УЈП – се бара поголема контрола на македонските домени

Изминативе недели граѓани преку СМС пораки беа известувани дека наводно треба да ја „извршат задолжителната пријава“, алудирајќи на годишната даночна пријава која ја изготвува УЈП. Во пораките дополнително стоеја и линкови до веб-страници каде граѓаните се наведуваа да ја извршат пријавата.

Веб-страниците до кои водеа овие линкови, иако наликуваа на официјалниот сајт на Управата за јавни приходи, беа лажни. Домените на веб-страниците беа слични со официјалниот сајт на УЈП – ujp.gov.mk. Една од веб-страниците, за која дозна и пошироката јавност беше ujp-gov.mk, а втората веб-страница беше ujp.mk.

Двајца измамени на лажната веб-страница која наликуваше на УЈП – се бара поголема контрола на македонските домени

3. [Фото] „Правдата ќе победи“ – мурал изработен по ученички цртеж претставен вo „Владо Тасевски“

„Вие сте новиот Пикасо со ‘Герника’ или Бенкси со своите мурали, бидејќи со цртежите правите влијание на околината“, им порача професорката Симона Петковска Илиеска на учениците од ОУ „Владо Тасевски“, каде денес беше претставен муралот „Правдата ќе победи“, адаптиран по ученички цртеж кој победил на претходен ликовен конкурс.

Муралот е изработен во рамки на програмата за ученички, односно младински активизам која веќе четири години се одвива во скопското основното училиште „Владо Тасевски“, под менторство на професорката за граѓанско општество и етика Петковска Илиеска.

Победничкиот цртеж при изведба на муралот е адаптиран од страна на академскиот сликар Дејвид Стоилковски.

[Фото] „Правдата ќе победи“ – мурал изработен по ученички цртеж претставен вo „Владо Тасевски“

4. „Директна опасност од уништување на културното наследство“ – Археолозите на протест поради предложените законски измени

Македонското археолошко друштво и претставници на ИКОМОС Македонија денеска на протест пред Собранието го искажаа својот револт поради пакетот законски измени кои се на дневен ред по скратена постапка за олеснување на работата на компанијата „Бехтел и Енка“ која треба да ги гради автопатите од коридорите 8 и 10д.

Археолозите протестираа конкретно за измените во Законот за заштита на културното наследство, за кои велат дека ако се изгласаат ќе овозможат „легално уништување на културното наследство во земјата“.

Она што е контроверзно во предложените законски измени е што се додава нов став во членот 65 со кој доколку при градење на овие автопати биде пронајден предмет од археолошко значење, изведувачот за тоа ќе треба да го извести само надзорниот инженер, а не како досега, откритието да биде пријавено до надлежната јавна установа за заштита, или до полицијата.

Предлагачите по протестот го повлекоа овој предлог – закон од Собранието.

„Директна опасност од уништување на културното наследство“ – Археолозите на протест поради предложените законски измени

5. [Подкаст] YouThink: Ако знаеш да пуштиш музика на телефон, не значи дека си дигитално писмен

„Ако имаме добар смартфон и не ги користиме неговите функции, и тоа што има милион мобилни апликации, а се ограничуваме само за дел од нив, на пример, само за слушање музика или за онлајн обложување, не може да значи дека сме дигитално писмени“.

Бојан Кордалов, комуниколог и експерт за социјални медиуми, во подкастот „YouThink“ зборува за животот онлајн, со сите предности и одговорности.

[Подкаст] YouThink: Ако знаеш да пуштиш музика на телефон, не значи дека си дигитално писмен

Бонус:

#РаскажиМи: „Хектор“ од Бојан Таневски

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Хектор“ од Бојан Таневски. Расказот го освои првото место на новиот конкурс за кратки раскази од млади автор/ки, „Тврдоглави“ именуван по делото на Славко Јаневски.

#РаскажиМи: „Хектор“ од Бојан Таневски

#НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Марија Тасеска

Во рубриката #НизТвојотОбјектив ви претставивме аналогни фотографии од Марија Тасеска, студентка на Архитектонскиот факултет во Скопје. Тасеска вели дека аналогниот начин на фотографирање го открил преку фото-апаратот на татко ѝ.

#НизТвојотОбјектив – Избор фотографии од Марија Тасеска

[Подкаст] Фестивал за јапонска култура „Нихон-Џи“: Прифаќање на технологијата без предрасуди

Дечките од Japan@mk пак годинава решија да го тераат Фестивалот за јапонска култура „Нихон-Џи“. Настанот на 27 мај во „Мала Станица“ ќе проба да ги доближи различните сегменти од јапонското општество.

Во подкастот „Заедничарење“, Билјана Кочоска од организацискиот тим потврдува дека фестивалот и годинава оди по принципот „од заедницата за заедницата“.

[Подкаст] Фестивал за јапонска култура „Нихон-Џи“: Прифаќање на технологијата без предрасуди

11