На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1.[Подкаст]: Генерацијата Алфа со еден клик го освојува светот
Дали се чувствувате како да пропуштате нешто додека сте „offline“? Ја пропуштате најновата епизода од Youthink подкастот за медиумска писменост во која меѓудругото зборуваме и за Фомо-состојбата, односно стравот од пропуштање на важни настани додека сте исклучени од Интернет.
Оваа состојба се повеќе се забележува кај младата генерација, а во оваа епизода се фокусираме на генерацијата Алфа, децата родени по 2010 година кои се целосно родени во дигитално опкружување.
[Подкаст]: Генерацијата Алфа со еден клик го освојува светот
2.Мажите „директоруваат“ со 95% од македонските јавни претпријатија [Инфографик]
Само третина од јавните институции во Северна Македонија имаат жени на функциите директор, в.д. директор или заменик директор, покажа новиот извештај на Центар за управување со промени.
Од вкупно 252 институции кои биле анализирани најголема родова разлика постои кај јавните претпријатија, каде дури 95% од директорите се мажи, а жените единствено се позастапени од мажите на директорските функции во институциите од социјалната заштита.
Мажите „директоруваат“ со 95% од македонските јавни претпријатија [Инфографик]
Социјалните медиуми бараат постојано да се менуваме затоа што тие се менуваат од секунда во секунда, од минута во минута. За да не звучиме исплашено мораме да се менуваме, да следиме, тоа не значи да прифаќаме, но да знаеме што се случува. Никој не е повеќе или помалку од другиот, меѓутоа едно правило постои за младите, а тоа е дека можете да ни држите лекции и дигиталната ера за првпат ви го дава тоа право.
Ова го истакна комуникологот Бојан Кордалов на панел-дискусијата „Менталното здравје на младите и социјалните медиуми“ што се одржа на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
4.[Галерија] Портрет на луѓе од бетон
„Добредојдовте на вашиот портрет. Односот што го имаме со себеси се одразува со односот кон надворешната средина и обратно, односот кој го имаме со животната средина е односот кој го имаме со себеси. Дури и нашето човечко тело, како дом, како животна средина на нашата душа, е во постојан однос со надворешната средина, во поширока економска, социјална и еколошка смисла“.
Уметникот Милко Несторовски, овој пат во улога на куратор, со овие зборови ја отвори изложбата „Портретот на публиката“ на уметницата Дафина Шекутковска во Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје.
5.Со младинско претприемништво може да се намали невработеноста кај младите
Невработеноста кај младите е меѓу клучните предизвици во Македонија, а една од можностите за намалување на невработеноста е инвестирање во развој на младинското претприемништво. Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) посочува дека со цел младите полесно да можат да основаат своја компанија, активно се залагале за намалување на основниот влог за трговските друштва.
„Во 2021 година, нашите заложби вродија со плод и беше воведено поедноставено друштво со ограничена одговорност, што секој може да го основа со влог од само 1 евро“, велат од НМСМ.
Со младинско претприемништво може да се намали невработеноста кај младите
+ Бонус:
[Став] И, сега можеш ли да кажеш како изгледам?
„Меѓу ‘здравата’ популација многу често се воделе дебати околку ‘правилно’ ословување на лицата со попреченост, со хендикеп, инвалидност, посебни потреби, итн… Како и многу чести прашања за секојдневното функционирање на овие лица. Па ајде најпрво да ја расчистиме дилемата – нема соодветен израз, ословувај ме како што сакаш, но цени ми го достоинството и дигнитетот.
И за она другото како функционираат многу нормално. Пијат кафе како и мене и тебе, шетаат, читаат книги, кулираат, денгубат, се досадуваат, но и работат, вредни се, исполнителни…“, пишува Стерја Димов, член на УРА тимот.
#Поларис: Лавиринтот на космичкиот хорор
„Хоророт неизбежно го следи човештвото од самите почетоци на неговото постоење. Преку легенди, митови и народни преданија, до современите медиуми за хорор фикција во неброени филмови, серии, книги, стрипови и игри, сме проследувале како протагонистите се соочуваат со мноштво на натприродни појави. Хорор фикцијата ни дава презентација на ужаси кои не преплашуваат и не ни даваат мир, но исто така доаѓаат и со начини кои ни овозможуваат да се соочиме со она што ни всадува страв, и евентуално да го победиме“, пишува Марјан Болтевски.
#ПетАлбумиЗаПоДома на Филип Букршлиев
Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома го имавме Филип Букршлиев, скопски гитарист, композитор и импровизатор. Букршлиев досега музички е ангажиран во состави како „Такси Консилиум“, „Фајтинг Виндмилс“, „Строг пост“…. Неговото име (и презиме) може да се најде на повеќе од 20 долгосвиречки изданија и колаборациски проекти, а во 2021 година ја доби наградата за најдобар млад македонски џез музичар од „Скопје џез фестивал“.
Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Букршлиев, со негов уводник, а потоа и осврт кон одбраните музички парчиња.
#РаскажиМи: „Волво ректум“ од Владо Јаневски
Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Волво ректум“ од Владо Јаневски. Расказот бил награден на конкурсот за краток расказ “Електролит“ во 2006 година. Расказот тогаш бил објавен под псевдоним „Bushy meat“.
„Станува збор за јазична игра, за една урнебесна карневалска деконструкција на јазикот со помош на користење на дијалект и некаков поедноставен англиски карактеристичен за дел од нашата дијаспора… На расказот на Bushy Meat, значи, може да се гледа како на едно минијатурно прозно ‘тарантиновско’ парче, супербрзо и духовито, кое на прв поглед делува комично, но кое во длабочината сепак крие доволно субверзивност и доволно литературна вештина“, пишува уредникот и дел од жири комисијата за „Електролит“, Никола Гелевски.
#НизТвојотОбјектив – „Сиви мугри“ од Глориа Малинова
Во нашата фото-рубрика ви го претставуваме објективот на фотографката Глориа Малинова која твори во сферата на ликовното изразување и фотографијата како главно поле на емоционална експресија.
„Главна појдовна точка за фотографирање ми е идејата и целта за достигнување на одреден ефект во уметничката фотографија. Инспирација ми се луѓето, секојдневието, природата и мистичноста како одредена главна атмосфера во моите фотографии“, вели Малинова.